„Или-Или“ го објави романот „Зашеметен“ од швајцарскиот писател Лукас Берфус

Издавачката куќа „Или-Или“ во едицијата „ПРОаЗА“ го објави краткиот роман „Зашеметен“ од познатиот швајцарски писател Лукас Берфус. Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова и е поддржан од преведувачката мрежа „Традуки“.

По објавувањето на овој роман, авторот Лукас Берфус во 2019 г. ја добил најпрестижната книжевна награда „Георг Бихнер“ за писатели од германското јазично подрачје.

Во содржината на романот еден маж стои во толпата пред влезот на една стоковна куќа и одеднаш одлучува, без особена причина за тоа, да следи една жена. Не ја познава, ја гледа само одзади, но како во игра си вели: „Ако тргне по тој пат, нема веќе да ја следам; ако оди во оваа насока ќе ја продолжам играта уште малку.“

Целата таа игра не значи ништо, никој не е оштетен, а растојанието во толпата е толку големо што жената не може да го забележи. За еден час Филип и онака има важен состанок. Но веќе се прашува дали би можел да го одложи. Она што го мотивира не е јасно. Дали ја следи жената зашто му е здодевно? Дали е луд? Дали е криминалец? Изгледа како и самиот да бега од нешто.

Во воздухот се насетува закана. Во сите сетилни набљудувања има нешто вознемирувачки надреално. Сите прашања за нашата животна реалност во 21 век добиваат неодминлива острина.

Книжевниот критичар Мајк Фесман од „Зидојче цајтунг“ забележува дека „Зашеметен“ е „мајсторско дело што не ја крие Ахиловата пета: Тоа е естетско суверен, но и ранлив портрет на човекот на прагот од епохата“.

Лукас Берфус е роден 1971 година во Тун, Швајцарија. Пишува драми, романи, есеи. Неговите драми се играат насекаде низ светот, а неговите романи се преведени на повеќе од дваесет јазици. Добитник е на повеќе награди. Со романот „Зашеметен“ беше финалист за Наградата за најдобар роман на Лајпцишкиот саем на книгата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот