Икони и слики од Ѓорѓи Зографски ќе бидат изложени во Чифте амам

Ѓорѓи Зографски, „Тајна вечера“, 1945

Националната галерија ја најави јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“. На изложбата ќе бидат претставени 50-ина дела, икони и слики, од сите творечки фази на авторот.

Тие се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св. Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино – Велес, на семејството Зографски, како и на голем дел приватни сопственици.

Меѓу зографите сликари Ѓорѓи Зографски има значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19-тиот и почетокот на 20 век. Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.

Ѓорѓи Зографски, „Второе пришествие (Страшен Суд)“, 1933

„Ѓорѓи Зографски е последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за прв пат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство“, објаснето е во текстот за каталогот на изложбата.

Ѓорѓи Зографски, Портрет на девојче (момиче) пред 1894, масло на платно
Ѓорѓи Зографски, „Крај Вардар“, 1941/42

Куратори на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова, а истата ќе биде отворена на 3 ноември, во 19 часот, во објектот Чифте амам.

(Текстот и фотографиите се објавени во „Културен печат“ број 103, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31 октомври 2021)