Икона окована со срам

Подарок – Сергеј Лавров му ја врати на подарувачот Милорад Додик три века старата позлатена икона што во Источно Сараево ја доби од претседавачот на Претседателството на БиХ, а руското Министерство за надворешни работи даде објаснување: „Иконата ќе биде вратена за да се разјасни нејзиното потекло со помош од Интерпол“.

Уште не стивна ни вревата по дипломатскиот инцидент кога бошњачките и хрватските членови на Претседателството на Босна и Херцеговина одбија де се сретнат со рускиот министер за надворешни работи, тврдејќи дека не ги почитувал институциите и симболите на државноста на БиХ, а пристигна нов меѓународен културно-религиски скандал.

Сергеј Лавров му ја врати на подарувачот Милорад Додик три века старата позлатена икона што во Источно Сараево ја доби од претседавачот на Претседателството на БиХ, а руското Министерство за надворешни работи даде објаснување: „Иконата ќе биде вратена за да се разјасни нејзиното потекло со помош од Интерпол“.

Како стигна до тоа на највисоко дипломатско ниво да се подаруваат работи со проблематично потекло?

Сомневајќи се, исто како и Москва, дека иконата била илегално прошверцувана, Амбасадата на Украина, уште пред одлуката на Лавров да ја врати иконата на подарувачот, побара „јавно, неодложно и недвосмислено“ објаснување од Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина за тоа како иконата од нивната земја стигнала во друга држава и завршила во рацете на Додик. Обвинителството на БиХ отвори предмет и најави дека ќе спроведе проверки.

Жигосана со црвено

Властите во Киев тврдат дека иконата од Луганск – градот што од избувнувањето на војната во 2014 година и понатаму е под контрола на проруските сепаратисти – е „предмет на културното наследство“ во сопственост на државата, што се докажува со големиот црвен восочен печат на заднината од иконата.

Во проблеми Додик го вовлече фотографијата, емитувана од агенцијата Срна, на која јасно се гледа жигот од Народниот комесаријат за заштита на спомениците на културата (Укрнаука) од Одеса, кој постоел за време на дваесеттите и триесеттите години од 20 век, со ознака на Украинската Советска Социјалистичка Република од времето кога таа денес независна држава беше дел од Советскиот Сојуз.

Како, навистина, старата и секако вредната икона од проруската бунтовничка творба Луганск или од Доњецката народна република стигнала до Република Српска? Од каде кај Додик? На овие прашања одговори ќе даде истрагата, а како тоа на лидерот на Република Српска му паднало на ум да ја подари на Лавров, е на тоа прашање би морал да одговори Додик.

– Во што сѐ не е способен да нѐ вовлече овој човек. Украдена икона. Нека демантира и нека го објави легалното потекло. И крај на приказната – твитна поранешниот министер за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ.

Плен на доброволци

Се чини дека иконата била украдена од некоја црква во Луганск, за време на борбите на истокот на Украина. Од избувнувањето на конфликтот, десетици доброволци од Српска, заедно со проруските сепаратисти, се бореа на страната на Русија. На еден од нив поради тоа му се суди, бидејќи придружување кон паравоени формации во странство е кривично дело според законите на Босна и Херцеговина.

Позлатената икона, уметнички израз на богословието и црквената богослужба, препознатлив знак на православието, веројатно била плен на некои републико-српски Аркани што дејствувале по самопрогласените независни територии на Луганск и Доњецк. Логично е, исто така, дека по враќањето посакале реликвијата да му ја подарат на својот водач. На главниот командант. Нив не ги интересира тоа што во „Карејскиот типик“, еден од најстарите српски документи во Хиландар, се проколнува оној што ќе отуѓи книга, икона или други црквени предмети.

Саша Савиќ, водач на „Ноќните волци“ – контроверзната бајкерска група чии членови се означени како опасност по безбедноста во поголемиот број европски земји, но кои Владимир Путин ги нарекува „браќа“ – ја отфрла можноста дека некој од неговите што се бореле на Крим, му ја подарил иконата на Додик.

Ги посрамоти Србите

Како и да ја добил, наместо да ја чува за себе или да се обиде да ја продаде на нелегалниот пазар на уметнички дела, на кои православните икони станаа еден од најбараните колекционерски предмети на Запад, Додик ја подарил и тоа не кому било, туку на Лавров!

Уверен дека уште повеќе политички ќе им се препорача на владетелите на земјата од која во изминатите децении исчезнале десетици милиони икони, главниот актер на аферата покажа недоветност, безобразлук, некултура и елементарно непознавање на основните дипломатски, но и морални постулати.

Додик се посрами себеси, но и Република Српска, па и Србите воопшто, зашто, непростливо, даде можност да се вратат мачните сеќавања на Србите од времето на последните војни, кога разни паравоени „кучиња на војната“ – со согласност од тогашниот официјален Белград – пљачкосуваа од Вуковар до Босна, кога нивниот плен завршуваше на пазарите: вредни римокатолички книги, распетија, слики, молитвени бројаници…

Лакташенко – како што го нарекуваат Додик асоцирајќи на неговото потекло од Лакташи и политичките манири слични на диктаторскиот претседател на Белорусија – толку се „распуштил“ што не му ни паднало на ум дека Русите нема да примат икона со спорно потекло.

Внимателниот Лавров

Една од најпознатите икони во Русија, казањската, онаа што во 1612 година руската војска ја носела пред себе во битката против Полјаците што ја окупирале Москва, исчезна од Казанскиот манастир во 1904 година и од тогаш нема ни трага од иконата на Пресвета Богородица, светата заштитничка на Русија. Постоела, меѓутоа, извонредна копија, која долго време патувала низ светот пред папата Јован Павле Вториот да ѝ ја врати на Руската православна црква.

Ако се водел Додик по овој пример, можел да искористи некоја можност порано и да ја врати иконата од Луганск. Можеби така би избегнал детално да објаснува како таа се нашла во Република Српска. Но, не го направил тоа, па сега ќе мора на Интерпол да му го објаснува нејзиното потекло.

Русија ја искористи можноста да се покаже дека е сериозна држава. Наспроти блиското сојузништво со Додиковата Српска и тензиите со Украина, Лавров не сака да дозволи самиот да биде вмешан во крими-приказната, отворена од Амбасадата на Украина во Сараево.

Од каде е земена и како иконата прво завршила во Република Српска, а потоа и кај Додик, ќе утврди Интерпол. Тој засега молчи, зашто е во самоизолација, бидејќи тврдат дека некој од неговата околина бил заразен со ковид-19.

Дали официјална Москва ќе разбере со кого си има работа, останува да се види. Интересите на високата политика не се оковани, дури и кога се позлатени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот