Икарди се продава на „попуст“

EPA-EFE/MATTEO BAZZI

Интер уште сега почна да жали што не го продаде својот капитен Мауро Икарди во зимскиот преоден рок. Проблемите кои ги направија Икарди и неговата сопруга и менаџер, Ванда Нара, ја соборија цената на самиот фудбалер, но и го направија непожелен за многу екипи.

Нара одбиваше да преговара со раководството на Интер, бараше осум милиони евра годишна плата, еден повеќе од тоа што го нудеше клубот, а Икарди два месеци „глумеше“ дека е повреден. Тој како одговор на тврдокорниот став на раководството да не му ја даде бараната плата, два месеци не тренираше, ниту пак се консултираше за евентуалната повреда со клупските лекари.

Во средата конечно заигра, но беше исвиркан од навивачите кои му порачаа дека не го сакаат во клубот иако постигна гол и имаше една асистенција во победата над Џенова (0:4).

Сиве овие работи го натераа сопственикот Стивен Жанг и директорот Бепе Марота, да почнат да го нудат на заинтересираните екипи, но не можат да ја добијат сумата која им се нудеше пред три месеци, околу 100 милиони евра. Тие се подготвени да дадат голем „попуст“, само за да се ослободат од него и сопругата, бидејќи ниту Антонио Конте, кој треба да седне на тренерското столче по крајот на сезоната, не го сака во соблекувалната.

Јувентус го процени Икарди на 40 милиони евра и тоа е максималната сума која се подготвени да ја платат, а згора на тоа не доаѓа предвид размена за Гонзало Игуаин како што бараат од Интер. Уште еден заинтересиран клуб за услугите на Икарди е Реал Мадрид, но тие би реагирале само доколку им пропадне веќе договорениот трансфер со Лука Јовиќ од Ајнтрахт Франкфурт и максималната сума која би ја платиле е 50 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот