Играниот филм „Мала грешка“ во режија на Ѓокан Тирјаки ќе се снима во Македонија

Продукцијата „Пик“ е македонски копродуцент во филмот „Мала грешка“

Долгометражниот игран филм „Мала грешка“ ќе биде снимен како копродукција помеѓу филмските продукции „Пик“ (Северна Македонија), „Ѓокан Тирјаки“ (Турција), „Ротанет“ (Турција) и „Tales Enterprise Ltd“ (Англија). Филмот ќе обедини врвни таленти и ќе го истакне значењето на Република Северна Македонија како растечки центар за меѓународната филмска индустрија.

Филмот „Мала грешка“ е во режија на Ѓокан Тирјаки, турски режисер кој е добитник на наградата за најдобра кинематографија на Европските награди за кинематографија и на Интернационалниот филмски фестивал во Дубаи. Номиниран е и за наградата „Европски кинематограф“ на Европските филмски награди.

Директор на фотографија е нашиот Фејми Даут, кој беше директор на фотографија на „Медена земја“ и воедно е светски наградуван професионалец препознаен на филмските фестивали, како што се „Санденс“, АСЦ и Оскар.

Фејми Даут позади себе го има искуството на снимање долгометражен документарен филм со „Медена земја“, додека Тирјаки своето деби за долгометражен филм ќе го реализира со сцени од скопските улици.

Приказната на филмот „Мала грешка“ го следи емотивното патување на Селим, успешен градежен инженер кој ја губи својата сакана сопруга во сообраќајна несреќа. Барајќи утеха во неговиот дом од детството, Селим се соочува со болни спомени и нерешена семејна динамика.

Како што излегуваат на виделина тајните за неговиот брак, Селим тргнува во потрага по вистината, што го води во конфликт со Угур, човек што го смета за одговорен за неговата трагедија. На крајот, Селим мора да се соочи со вистината дека неговиот животен пад произлегува од низа лични грешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот