Играње на најнедолична карта

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Цели 20 години, откако се усвои Рамковниот договор што требаше да гарантира мултиетничка и просперитетна Македонија, наместо подобар живот граѓаните од политичарите добија само националистички реторики и поделби на наши и ваши.

Имаме концепт – Едно општество за сите. Може да се договараме за вредности, за интересот на граѓаните, за подобар живот на сите, за програмски определби. За европски – живот, инвестиции и работни места за нашите граѓани. Работиме на економски развој за повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните.

Со овие зборови коалициските партнери Зоран Заев и Биљал Касами ја добија довербата од народот на последните парламентарни избори. Ако случајно заборавиле, да ги потсетиме што зборуваа пред избори.

Но, тоа беше пред избори. Она што сега ни го нудат Заев и Касами и, се разбира, Ахмети е едно општество за сите, но поделено по етничка линија. Коалициските партнери од Владата сега ни нудат во личните карти да се впишува етничката припадност на граѓаните. Да нѐ бележат, како во некои дамнешни времиња. Иако многу луѓе се спротивставуваат на ваквиот предлог, алармирајќи на опасноста од дискриминација, што е очигледно и од дебатата која се разви во јавноста, сепак Заев и партнерите продолжуваат да нѐ убедуваат дека тоа е добро, затоа што Македонија е мултиетничко општество. Дури, сега добија поддршка за предлогот и од ВМРО-ДПМНЕ!

Во ред, мултиетничка држава сме, но што добиваме со тоа? Последниве години, наместо да се зборува за подобар стандард и живот на граѓаните, ние слушаме само за етнички поделби и за потребите (пренагласено) на албанската етничка заедница во општеството. Како да заборавивме на сите други – Роми, Бошњаци, Турци, Срби… Сето тоа, наместо кон обединување, сѐ повеќе нѐ води кон поделби. Па така, вработуваме по Рамковен, без оглед дали некој вреди за некое работно место и дали има квалификации. Да не зборуваме дека голем дел од нив со години седат дома и земаат плата за ништо. Формиравме Агенција за спроведување и имплементирање на албанскиот јазик. Па го гледаме вицепремиерот Артан Груби како се слика со таблите на автопатите и проверува дали се напишани и на албански јазик. Слушаме навивачки групи кои со погрдни зборови ги навредуваат припадниците на една или на друга етничка заедница итн.

И само се вртиме во круг. Цели 20 години, откако се усвои Рамковниот договор што требаше да гарантира мултиетничка и просперитетна Македонија. Наместо подобар живот во Македонија, граѓаните од политичарите добија само националистички реторики и поделби на наши и ваши. Наместо да ни нудат подобри работни места и повисоки плати, тонејќи во калта на национализмот, политичарите ги принудија граѓаните да се селат по белиот свет. Во свет каде не е важно дали си Албанец или Македонец. Во свет каде што секој работи и заработува за пристоен живот. Свет во кој не ти пишуваат во лична карта што си и како се чувствуваш.

Во ситуација кога државата ни е исправена пред огромен предизвик од пандемијата, политичарите наместо да зборуваат за вакцинација, за економско оправање, да нудат идеи и решенија, тие запнале за етничката определба во личните карти. Никако да сфатат дека тоа само го разгорува национализмот, а национализмот нема никако да нѐ направи сити и европски.

Еднаш засекогаш треба да сфатиме дека без разлика на нашата етничка припадност, сите сме граѓани на оваа држава и како такви треба да работиме за доброто на сите. Сѐ додека се делиме, тешко дека ќе имаме некаква перспектива. Ниту ние, ниту државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот