Игра со нерви за над 12.000 граѓани со лански ваучери

Плоштад „Македонија“, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Над 12.000 граѓани, уште од лани имаат неискористени ваучери за летување, а како што засега се одвиваат работите, неизвесноста дали и годинава ќе ги искористат, ќе потрае, барем уште некое време. Домашните институции немаат проценка за тоа колку пари на македонските граѓани, стојат „заробени“ во ваучери, а агенциите овие средства ги искористија за уплата кај партнерите, најчесто во Грција. Играта на нерви продолжува, со најавите дека нема да може да се летува без доказ за вакцинираност, а таа операција, кај нас не се знае дали и кога ќе почне. Проблемот ќе мора да се реши, велат во агенциите кои ги консултираше „Слободен печат“ и мора да има јасна ситуација, најдоцна до почетокот на март.

Туристичките агенти велат дека парите на нашите граѓани се блокирани за ланските аранжмани, иако е точно дека тие добија ваучери, кои ќе може да ги користат до крајот на оваа година. Според евиденцијата на Министерството за економија, 89 туристички агенции лани издале вкупно 12.850 ваучери, а досега нема поплаки од граѓаните на оваа тема. Од агенциите велат дека засега нема нови резервации за летување, а малубројни се и оние кои се распрашуваат за годинешните аранжмани. Главно и кога се јавуваат, граѓаните се распрашуваат што ќе биде со „заменските“ ваучери.

Бидејќи 10 отсто од вкупниот број на агенции, издале 70 отсто од вкупниот број на ваучери, Министерството за економија преку Државниот пазарен инспекторат редовно врши контрола и проверка дали се почитуваат Договорите со клиентите и заклучно со јануари годинава, нема поднесени преставки. Министерството за економија, активно ја следи ситуацијата  и очекуваме дека сите ваучери ќе бидат реализирани, до крајот на оваа година, велат од ресорот за „Слободен печат“.

Владата на Република Северна Македонија, преку Уредба со Законска сила им овозможи на туристичките агенции, аранжманите кои беа резервирани пред пандемијата да ги компензират со ваучери за туризам со иста вредност и предвиде истите да можат да се користат до крај на 2021 година.

Исто така, Уредбата предвиде агенциите во договор со клиентите, да можат да понудат и други аранжмани кои ќе можат да се реализират со ваучер, доколку таа понуда е прифатлива за клиентот, велат од Министерството за економија за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот