„Игра на тронови“ во кралството Јордан

Profimedia

Хамза бин-Хусеин, поранешниот престолонаследник на Јордан и полубрат на актуелниот крал Абдула Втори, е уапсен под обвинение за соработка со странска служба, со цел да предизвика дестабилизација на земјата.

Вицепремиерот на Јордан Ајман Садафи ја потврди веста дека принцот Хамза се наоѓа во домашен притвор, објавувајќи дека тој се обидел да ги мобилизира племенските водачи, со цел да предизвика немири што ќе резултираат со насилно симнување од престолот на кралот Абдула Втори.

Покрај принцот, од слобода се лишени уште 16 лица, а меѓу нив има и други членови од кралското семејство, како и блиски советници на поранешниот крал Хусеин, таткото на Абдула и Хамза.

Садафи посочи дека во подготовка била опсежна операција, која имала поддршка во земјата и од странство. Планирано било преку племенските водачи да се предизвикаат демонстрации во земјата со цел да се засили притисокот врз кралот. Сепак, акцијата била „пресечена во корен“ и отстранети се сите опасности по поредокот на Јордан. Тој не прецизираше која странска служба стоела зад намерите за дестабилизација, но посочи дека војската поседува докази за тоа дека од странски агент ѝ било понудено безбедно напуштање од земјата на втората сопруга Хамза, принцезата Басма.

– Се обидовме во неколку наврати да го обесхрабриме принцот во намерите, не сакајќи да преземеме безбедносни мерки против него. Сепак, тој на нашите барања одговори негативно – посочи Садафи.

Регионалните сили Египет, Турција и Саудиска Арабија му изразија поддршка на кралот во справувањето со дестабилизаторските елементи, а сојузништвото со Јордан беше истакнато и од Стејт департментот на САД, од каде беше посочено дека монархот на оваа земја е клучен партнер на кого му се дава целосна поддршка.

Принцот ги натера властите да го признаат апсењето

Јорданските власти не известија за акцијата на безбедносните сили, сѐ додека самиот принц преку две видеопораки објавени на Би-би-си, откри дека е лишен од слобода. Принцот Хамза изјави дека е ставен во домашен притвор и го обвини државниот врв за корупција и неспособност.

Изјавата на Хамза е објавена откако државната јорданска новинска агенција Петра објави дека двајца поранешни високи функционери и други осомничени лица се уапсени од „безбедносни причини“. Јорданските власти, меѓутоа, негираа дека Хамза е уапсен или ставен во домашен притвор.

Хамза, на кого во 2004 година му беше одземена престолонаследничката титула, изјави дека бил посетен од еден од највисоките офицери на јорданската армија, кој му соопштил дека „не смее да излегува, да комуницира со луѓе или да се состанува со нив“.

Принцот откри дека му е блокиран пристапот до телефон и интернет и дека успеал да се обрати до медиумот преку сателитски интернет. Тој вели дека е казнет за учество на митинзи на кои бил критикуван кралот Абдула, но додаде дека не е обвинет за лична критика кон својот полубрат. Хамза признава дека го критикувал владејачкиот систем, без да го спомене името на кралот Абдула. Во Јордан, многу ретко се случува некој од членовите на владејачкото семејство да упати толку остри критики кон владата и секој знак на нестабилност во таа земја веројатно ќе ја зголеми загриженоста кај нејзините западни сојузници.

Несложни браќа

Јордан има големо стратешко значење, што на земјата ѝ овозможи тесно да соработува со САД. Сепак, Јордан е земја со ограничени ресурси, долги години оптоварена со огромниот број на бегалци од Сирија. Ситуацијата е влошена со пандемијата, која предизвика катастрофални последици врз економијата. Голем е бројот на незадоволните поданици на кралот, а меѓу нив е и неговиот полубрат. Сепак, постои сомнеж дека поранешниот наследник на круната, можеби посакал да го поврати наследството од својот татко.

– Поранешниот наследник на престолот е многу популарен меѓу народот. Тој многу потсетува на својот татко, кралот Хусеин и многу е почитуван од водачите на локалните племиња – вели јорданската новинарка Рана Свеис.

Хамза е најстариот син на Хусеин од бракот со неговата четврта сопруга, Американката Нур Ал Хусеин. Неговиот татко никогаш не криел од јавноста дека Хамза е неговиот најомилен син, формално поставувајќи го за наследник на круната во 1999 година. Но, по смртта на претходниот монарх во 2004 година, членовите на Кралскиот совет сметаа дека Хамза е премногу млад за го преземе раководењето со кралство, па на престолот го поставија најстариот син на Хусеин, Абдула.

Многумина сметаат дека со апсењето на принцот Хамза ѝ е нанесен тежок удар на неговата мајка, поранешната кралица Нур, за која се шпекулира дека долги години по смртта на сопругот успевала во свои раце да ја држи политичката моќ во Јордан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот