„Игра на тронови“: Алтернативниот крај ќе следува во книгата на Џорџ Р. Р. Мартин?

Мартин вели дека конечно ја завршува книгата, потврдувајќи дека преостанатите делови „Ветрови на зимата“ и „Сон за пролетта“ ќе се разликуваат од серијата на ХБО што заврши во мај 2019 година

Милиони фанови на ТВ серијата „Игра на троновите“ останаа разочарани од последните две епизоди, кога омилената Денерис Таргерија прво стана „луда кралица“ одговорна за смртта на илјадници невини животи, а потоа и беше убиена од својот сакан – Џон Сноу.
Но иако не е потврдено, љубителите на ова епско дело би можеле да добијат алтернативна верзија, напишана во последните два дела од книгата „Песна за огнот и мразот“, според која беше снимена серијата.

Авторот Џорџ Р. Р. Мартин, вели дека конечно ја завршува книгата, потврдувајќи дека преостанатите делови „Ветрови на зимата“ и „Сон за пролетта“ ќе се разликуваат од серијата на ХБО што заврши во мај 2019 година.

– Луѓето го знаат крајот на серијата, но не го знаат крајот на делото – изјави Мартин во интервју дадено за германски медиуми.

По четвртата сезона на „Игра на троновите“, креаторите Дејвид Бениоф и Ден Вајс повеќе го немале оригиналниот извор на Мартин според кој би можеле да работат. Така, тие двајца создадоа свои наративи за главните ликови и добија млаки реакции од читателите на книгите и од гледачите.

Мартин изјави дека не очекува адаптацијата на ХБО да го надмине.

По последната сезона еден милион фанови потпишаа петиција барајќи од продуцентите да ја преснимаат сезоната. Но доколку мислите дека Мартин ќе го уништи крајот на серијата и ќе замине во друга насока, ќе се разочарате. Иако Мартин изјави дека осмата сезона не е верна на книгите, другите вклучени креативци сметаат поинаку. Исак Хемстејт-Рајт, актерот кој го глумеше Брен Старк, во едно интервју зборуваше за долгогодишната соработка помеѓу Мартин и Дејвид Бениоф и Ден Вајс.

– Дејвид и Ден ми кажаа две работи што Џорџ Мартин ги имал испланирано за Брен – откритието за Ходор, како и тоа дека тој ќе биде кралот – изјави актерот.

На прашањето дали серијата „Игра на троновите“ има шанса да се претвори во филм, Мартин рече: – Во овој момент јас не сум тој што треба да одлучи, бидејќи ХБО ги контролира филмските права за „Игра на троновите“. Дејвид и Ден, двајцата креатори што стојат зад серијата, всушност сакаа по седмата сезона сагата да заврши со три големи филма. Писателот тврдеше дека „Игра на троновите“ требаше да заврши во кината.

– Пред четири или пет години тоа беше сериозен предлог. Продуцентите рекоа: „Ние создаваме ТВ-серии, не сме дел од киноиндустријата“ – изјави Мартин.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот