Игра на нон-пејпери

Настрана од изјавите дека “Србија нема никогаш да го признае Косово”, описот на Вучиќ на овој нон-пејпер наликува на подготвување на теренот за решение. Во спротивно документот ќе беше директно отфрлен, а не вака внимателно анализиран од српските преставници.

Нон-пејперите влегоа во мода на Балканот на голема врата. Неофицијалните документи, без печат и потпис фрчат на сите страни, и сите дигаат раменици. Никој не знае кој ги пишува, кој ги чита, за кого се наменети и за кого се важни.

Постоењето на првиот нон-пејпер за кој беше обвинет словенечкиот премиер Јанез Јанша беше демантирано од сите, и од Јанша и од Шарл Мишел. Додуше неговото постоење го потврди албанскиот премиер Еди Рама кој вели дека Јанша лично му го покажал, но со оглед дека тој документ предвидува спојување на Косово и Албанија можеби на Рама и му се сонила таква средба. Сега се појави и втор нон-пејпер, кој го објави приштински “Коха Диторе” и кој се однесува само на косовското прашање.

Во тој документ се предлага решение кое предвидува значителна автономија за Србите на северот на Косово како и за Српската православна црква. Вториот нон-пејпер за разлика од првиот има потенцијал за поголема сериозност бидејќи тоа го потрврди српскиот претседател Вучиќ, кој се разбира е еден од главните актери во решавањето на статусот на Косово.

Вучиќ вели дека се работи за документ кој “го направила некоја многу умна жена”, без да каже за кого се работи, но многумина во овој опис ја препознаа Ангела Меркел. Понатаму Вучиќ додава дека во тој нон-пејпер се ставени 80-90% од работите кои се прифатливи за Србите и една работа која не е, а тоа е признавањето на Косово.

Српските представници сериозно ќе го проучат тој документ, додава првиот човек на Србија и во тој момент прати многу интересна порака. Начинот на кој Вучиќ го опиша документот е всушност школски пример за компромис, или попрецизно за поволен компромис за Србија, бидејќи таа добива “90% од барањата, а дава само 10%”.

Настрана од изјавите дека “Србија нема никогаш да го признае Косово”, описот на Вучиќ на овој нон-пејпер наликува на подготвување на теренот за решение. Во спротивно документот ќе беше директно отфрлен, а не вака внимателно анализиран од српските преставници. Иако во реалноста е повеќе од веројатно дека тие веќе го имаат документот на маса и дека неговото објавување и српската реакција се само добро подготвено шоу за јавноста.

Друга причина за сериозноста на овој документ е неговиот тајминг. Приштинска “Коха Диторе” го објави документот во истиот ден кога беше објавена веста дека Европската унија ќе ја замени Кина во финансирањето на брзата пруга од Белград до македонската граница или коридорот 10 кој продолжува до Грција. Тука се работи за класична стратегија на компензација за одстапките кои би ги направила Србија преку ветувања за посилно инвестирање и сигурно ветувања за побрзо завршување на преговорите меѓу Брисел и Белград кои се заглавени на пола пат поради косовскиот проблем.

Во нон-пејперот за Косово не се спомнува фамозното спојување на Косово и Албанија, ниту се спомнува Босна и Херцеговина, така што тој документ го нема елементот на промена на границите што се чини е услов за целата меѓународна заедница кој треба да биде составен дел од евентуално решение за Косово. Сегашниот устав на Косово не ни дозволува спојување на Косово и Албанија и речиси е сигурно доколу има некакво решение меѓу Белград и Приштина тоа би имало и таква компонента која би спречувала создавање на т.н. Голема Албанија.

Таквото решение би ја затворило и пандорината кутија во Црна Гора и Северна Македонија, додека Босна и Хецеговина со целата своја нефункционалност би останала непознаница во контекст на решение меѓу Србија и Косово. Трет важен елемент за појавувањето на нон-пејперот за Косово е неговото појавуање за време на почетокот на мандатот на новиот американски претседател Џо Бајден. Бајденовата администрација кажа дека Западниот Балкан ќе биде еден од нејзините топ 5 приоритети, а Косово е најтешкото прашање кое чека на решение.

Пораката на Бајден повод денот на српската независност која заврши со порака за признавање на Косово воопшто не беше случајна и таа беше показател во каква насока ќе се движат работите. Во исто време во соседна Србија се случува една многу сериозна афера поврзана со Драган Марковиќ-Палма лидерот на владината коалициска партија “Единствена Србија”.

Српската опозиција извади многу сериозни сведочења за подведувања на девојчиња меѓу кои се и малолетнички од страна на Палма, на забави организирани од него на кои присуствувале и други високи функционери меѓу кои е и другиот владин коалициски партнер Ивица Дачиќ. Иако провладините медиуми во Србија се обидуваат да ја амортизираат аферата, сепак под притисок на директните сведочења и после појавувањето на нови сведоци српското обвинителство мораше да отвори истрага за случајот.

Со оглед на можните размери и импликации на оваа афера, владеачкото мнозинство предводено од СНС на Вучиќ се наоѓа под силен притисок, и се разбира дека тајмингот за отварање на скандалот е поврзан со зголемувањето на интензитетот на решавањето на косовското прашање. Кој може да изведува таква операција врз Вучиќ може само да погодуваме, но во секој случај долгото и проблематично владеење на Вучиќ создало добра почва за службите за вадење на работи кои можат да го компромитираат српскиот претседател во даден момент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот