Игнорирани предупредувања: Како кислородот станува убиец!

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Кислородот е многу опасен и лесно запалив гас чие користење во болнички услови претставува голем предизвик. Дури и загреан хируршки апарат може да предизвика експлозија во негова близина.

Истрагата за трагедијата во тетовскиот ковид-центар во која загинаа 14 луѓе е во тек и сѐ уште нема никакви официјални информации за тоа што го предизвикало катастрофалниот пожар. Сведочењата на очевидци и пожарникари кои биле на местото на несреќата укажуваат дека во пресрет на пожарот била користена медицинска опрема која веројатно ја фрлила првата искра. Од видео-снимките од безбедносните камери за време на несреќата можеше да се забележи дека огнот се ширел со огромна брзина и притоа предизвикува и неколку експлозии.

Експертите се согласни дека единствено големото присуство на кислород во воздухот можел да придонесе за таквиот драматичен тек на настаните во Тетово, ноќта на 8 септември.

За тоа каква е разорната моќ на кислородот во вакви ситуации предупредуваат повеќе светски и европски организации уште од почетокот на пандемијата кога започна напливот на пациенти на кои им е потребна кислородна поддршка. Европската асоцијација за индустриски гасови (ЕИГА), со седиште во Брисел, во февруари годинава издаде препораки за користењето на опасниот гас во болнички услови. Според извори на ДВ, истите препораки им биле доставени и на сите болници низ земјава уште минатата година. Колку се почитуваат, не е познато.

Според овие предупредувања, опасноста не е само во кислородните инсталации од кои понекогаш протекува гасот, туку таа е зголемена и поради тоа што ковид-пациентите во третманот добиваат ткн. кислород со висок носен проток (HFNO) со кој се дистрибуира и до 60 литри кислород на минута. Понатаму, се предупредува дека системите за вентилација веројатно нема да бидат во состојба да одржат атмосфера без збогатено ниво на кислород. За таква атмосфера се смета онаа која содржи над 23,5% кислород во воздухот. Според сознанијата на ДВ, освен Клиничкиот центар во Скопје, во ниту една друга болница во земјата нема апарати или сензори кои го мерат количеството на кислород во воздухот во просториите.

Опасност и од облека и креми

Дополнителна опасност претставуваат облеката и постелнината кои, доколку примат големо количество кислород стануваат екстремно запаливи и доколку се запалат, горат многу брзо. Понатаму, од ЕИГА предупредуваат дека треба да се води сметка и при користењето на хидрокарбонски креми и гелови, кои му даваат сила на огнот и ја влошуваат состојбата. Кога околината или одреден материјал ќе прими големо количество кислород, а со тоа стануваат многу запаливи, дури и извор на ниска енергија може да ги запали.

Затоа, мора да се внимава секаква електрична опрема која се користи во близина на пациентите да биде доволно тестирана за да се обезбеди дека нема да предизвика искри кои би можеле да ги запалат облеката или постелнината.

Според изјави на очевидци во тетовскиот ковид-центар, непосредно пред пожарот, наводно бил користен дефибрилатор врз една пациентка. Оваа информација се уште не е официјално потврдена.

Сведоштво за хаосот во тетовскиот ковид-центар

Но од ЕИГА предупредуваат дека опасноста во вакви простории не доаѓа само од електрична опрема, туку, дури и од користење на „топла или загреана хируршка опрема”. Доколку нивото на кислород е над дозволеното, било каков електричен објект може да предизвика пожар. Поради тоа е строго забрането присуство на било какви огнови или пушење, вклучително и на електронски цигари.

Трагедии ширум светот

Во болниците каде што се користи кислород, се препорачува претходно да се обучи персоналот за негово безбедно користење. Никогаш не смее да се дозволат оган или користење на топла медицинска опрема во близина. Доколку вентилацискиот систем не може да обезбеди проток на свеж воздух се препорачува редовно отворање прозорци и проветрување. Конечно, доколку некој пациент кој што добивал третман со кислород се префрла во друг оддел каде што постои опасност од оган, нивната облека и постелнина мора да се „проветри“ најмалку 15 минути за да се намали нивото на кислород во неа.

Остатоци од кислородни боци по пожар во болница во Багдад, Ирак во април 2021 година

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот, низ светот имаше повеќе пожари со катастрофални последици кои беа директно поврзани со користењето кислород во болниците. Во два одвоени инциденти во ноември минатата година и во јануари годинава, 22 пациенти загинаа во пожари во Романија. Во двата случаи сомнежот е дека краток спој ги предизвикал пожарите кои потоа забрзано се ширеле поради високата концентрација на кислород во воздухот. Во април годинава во болница во Багдад, Ирак загинаа 82 пациенти откако експлодираше боца со кислород. Истиот месец пожар предизвикан од кислородните инсталации на интензивната нега во болница во Мумбаи, Индија однесе во смрт 14 луѓе. Во јули имаше уште еден кастрофален пожар со 44 човечки жртви во болница во ирачкиот град Насирија. Неколку помали инциденти, без жртви, во септември годинава имаше и во САД и во Канада.

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот