Игнобелови награди: Откритија што прво ќе ве засмеат, но и ќе ве замислат

Игнобелови награди 2022 / Фото:Профимедиа

Докажано: Срцата на вљубените чукаат во ист ритам

Без голема помпа како нобеловците, светот на науката синоќа ги дозна годинешните лауреати на Игнобеловите награди за откритија, кои, како што наведуваат авторите на изборот, „прво ќе ве засмеат, но потоа ќе ве замислат“.

Наградите веќе 32 години наназад ги доделуваат „Аналите на неверојатните истражувања“ и заслужуваат почит од многу „посериозните“ научни институции.

– Доделувањето на Игнобеловите награди веројатно е главниот датум во календарот на научниците – забележува влијателниот журнал „Нејчр“.

Награда за мир – Техники на озборување

Игнобеловата награда за мир годинава ја добија група научници што развиле алгоритам, кој на озборувачите им помага да решат кога да лажат, а кога да кажуваат вистина. Тие го дефинираат озборувањето како „споделување информации за отсутни трети лица“ и укажуваат дека може да биде позитивно, негативно или неутрално. Озборувањето ретко кога е чесно пренесување информации. Малите дози невистини вообичаено не предизвикуваат штета за целното лице, но кога озборувачот претерано ја збогатува информацијата со лаги, системот пропаѓа, заклучуваат научниците. Авторите се наградени зашто со анализа на четири можни исходи од озборување, составиле алгоритам што им дава сигнали како и кога да бидат дозирани лагите.

– – Озборувачите секогаш треба да бидат искрени во ситуации на перфектна заемна полза на соговорниците и да бидат неискрени кога има перфектен судир на ползите – заклучуваат научниците во наградениот труд.

Озборување /  илустративна фотографија / Профимедиа

Економија – Среќата е клучен фактор за успехот

Тројца италијански научници годинава ја споделија Игнобеловата награда за економија зашто математички докажале дека среќата е важен фактор за професионалниот успех.

Тргнувајќи од општоприфатеното верување дека успехот на некое лице е резултат на комбинација на низа фактори – талент, интелигенција, вештини, упорност, преземање ризик и многу труд, Алесандро Плукино, Емануеле Бјондо и Андреа Раписарда укажуваат дека има многу луѓе што ги поседуваат сите овие способности, а не се издвојуваат во средините како успешни луѓе.

– Просечниот коефициент на интелигенција е 100, но не постои суперпаметен ум со коефициент 1.000 или 10.000. Исто е и со напорите. Некој работи повеќе часови, но никој не работи милијарда пати повеќе од другите. Затоа нема големи отстапки од просечната линија. Но, во кривата на богатството и на успехот, има неверојатно богати милијардери и сиромашни луѓе. Факторот што го предизвикува отстапувањето не е ниту талентот ниту работата, туку обичната среќа – тврдат авторите потсетувајќи дека луѓето со просечни способности, вообичаено ги потиснуваат талентираните и трудољубивите.

Литература – Уметноста на неразбирливите творби

Ерик Мартинез, Франсис Молика и Едвард Гибсон годинава ја споделија Игнобеловата награда за литература за анализата зошто правните документи се непотребно неразбирливи.

Анализирајќи користење архаизми, пасивен говор и збунувачка синтакса во сите документи во период од три години, тие заклучиле дека факторите што придонесуваат текстот да биде неразбирлив е значително почесто користен во легалните документи.

Применета кардиологија – Срцето не лаже кога сте вљубени

Игнобеловата награда за применета кардиологија ја споделија група научници што практично докажале дека срцето заслужува да биде симбол на љубовта, бидејќи кај вљубените бие како едно.

Тие истражувале 70 случајно избрани двојки што „на слепо“ биле споени на музички фестивали, уметнички изложби и научни собири во Холандија и ја следеле работата на нивните срца и кондуктивитетот на кожата во „кабината за средби“ во која го оствариле првиот вербален и визуелен контакт.

– По контактите, 53 отсто од мажите и 34 отсто од жените изразиле желба за нова средба, а во 17 отсто од случаите таа желба била заемна. Кај оние со заемна желба за нова средба била забележана впечатлива синхронизација на ритамот на срцето додека биле во контакт – заклучиле научниците.

Медицина – Сладоледот е слатка терапија

Група полски научници ја добија Игнобеловата награда за медицина зашто докажале дека сладоледот на само што е послатко, туку е и поефикасно средство за ублажување несакани ефекти кај пациенти од канцер што се лекуваат со токсична хемотерапија.

Третманот со радијација често создава „орален мукозитис“ – болки во устата и јазикот, засилено лачење плунка и проблеми со голтање.

Ова се ублажува со криотерапија – шмукање парчиња мраз. Во групата пациенти што била третирана со сладолед (со вкус по избор) само 29 отсто развиле орален мукозитис, а меѓу оние со класична криотерапија несаканиот ефект се развил кај 59 отсто од пациентите.

сладолед

Физика – Што знае патче што е интерференција?

Наградата за физика ја споделија кинески научници што помогнале да ја објаснат способноста на новоиспилените патчиња да пливаат во строга формација зад својата мајка.

Биологот Франк Фиш уште во 1994 година докажал дека патчињата што пливаат во колона зад патката трошат значително помалку енергија. Кај велосипедистите, за споредба, докажано е дека оние што возат во колона, трпат 38 отсто послаб отпор на воздухот и заштедуваат 35 отсто од силата за да ја постигнат брзината.

Новото истражување ги објаснува физичките аспекти на интерференцијата на брановите што ги создава патката, за да го намали отпорот што го трпат патчињата што ја следат, дури и еден ден по испилувањето.

Патки/ Фото Профимедиа

Безбедносто – Гумен лос спасува животи

Лосот изработен од жици и гума му ја донесе Игнобеловата награда за инженерство на Магнус Генс. Тој ја изработил куклата за да им помогне на конструкторите на автомобили како да ги заштитат возачите и патниците од удар во лос на патот – што често пати завршува со фатални последици.

Само на патиштата во Шведска секој ден има по 13 удари во лос, вообичаено во мај кога родителите ги отфрлаат младенчињата. Но, „младенчето“ од една година е горостас од 200 килограми, а возрасен лос тежи и по 600 килограми. Класичната конструкција не може да ги заштити возачите зашто лосот има високо поставено тежиште и по удар во браникот во неговите нозе, масовното тело завршува во ветробранот.

Генс тестирал удар на старо „волво“ и понов „сааб“ со брзини од 72 и од 92 километри на својата кукла и штетите врз возилата биле многу слични со оние од вистинските удари во лос.

Лос/ Фото Профимедиа

Инженерство – Кваки за најмрзливи прсти

Јапонски научници ја споделија наградата за инженерство поради истражувањето кое е најефикасното движење на прстите за да се отвори квака без рачка. Откако претходно истражување утврдило дека на постарите лица им е полесно да отворат квака без рачка, научниците се посветиле на биомеханиката.

Тие утврдиле дека најчесто се користат палецот и показалецот. Со употреба на три прсти најлесно се ротираат кваки со дијаметар од 10 милиметри, со четири прсти кваки од 23 до 26 милиметри, а со сите прсти кваки од 45 до 50 милиметри.

Историја на уметноста – Решена тајната на Маите

Конечно, Игнобеловата награда за историја на уметноста ја споделија Петер де Смет и Николас Хелмут, за „мултидисциплинарниот пристап кон сцените на ритуално клистрирање на керамичките садови на Маите“.

Толкувајќи ги приказите на клистрирања на многу садови, Смет и Хелмут утврдиле дека третманот не се правел само за лекување туку и за „кревање на расположението“ на ритуали или забави. Тие составиле и список од веројатни средства – од алкохол преку тутун, до халуциногени лотоси и печурки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот