Игнобелови лауреати за хидраулика на мртви пајаци и тоалети што препознаваат ковид

Награди што ќе ве насмеат, па ќе ве замислат
Научни тимови што испитувале која ноздра е почувствителна или зошто геолозите рефлексно лижат камчиња се меѓу десеттемина годинешни лауреати наградени за истражување навидум апсурдни и бизарни, а всушност сериозни и интересни секојдневни појави.
Игнобеловите награди пред 33 години беа основани како духовита пародија на „сериозните“ нобелови награди.
– Со наградите им се изразува чест на постигнувањата што прво ќе ги насмеат луѓето, но потоа ќе ги замислат – е максимата на Аналите на невозможни истражувања, уште од основањето на наградата во 1991 година.
Покрај вообичаените мини-опери, научни демонстрации и предавања, на годинешната церемонија учесниците се соочија со нови предизвици – да ги објаснат своите постигнувања во 24 секунди, а потоа во седум збора.
Хемија и геологија
Наградата за хемија и геологија му е доделена на Јан Заласјевич поради „објаснувањето зошто толку многу негови колеги лижат камења“. Палеонтологот од Универзитетот во Лестер во својата студија објаснува дека тоа е добар и брз начин да се одреди дали некој камен навистина е камен и приближно да се одреди неговиот физички и хемиски состав.
Како „пионер“ на ова истражување тој го посочува Џовани Ардуино, рударски инженер од 18 век, кој ги поставил основите за „вкусот на грутките јаглен“.
Литература
Игнобеловата награда за литература ја споделуваат Крис Муилин, Никол Бел, Мерита Туринен, Арина Бахреин и Акира О’конор за „проучувањето на чувствата што се будат кај луѓето кога пишуваат еден по друг многу, многу, многу, многу зборови“. Тие наведуваат дека феноменот „жеме ви“ е спротивен на „дежа ву“ – залажување на умот дека поминал низ идентична ситуација. Жеме ви вообичаено се смета за симптом на мигрена или епилепсија.
При истражувањето со група студенти, научниците забележале дека многупати повторен збор на крајот го губи своето значење и остава впечаток на ништо повеќе од група букви.
Механичко инженерство
Наградата за механичко инженерство ја споделуваат пет научници, кои „реанимирале“ мртви пајаци и ги користеле механичките својства на нивниот скелет.
Те Фаје Јап од Универзитетот Рајс забележала во лабораторијата мртов пајак на кој складно му се движеле екстремитетите при надворешно дејство. Таа заклучила дека смртта на пајакот не ја нарушува внатрешната хидраулика на движење и дека може да се управува со екстремитетите преку надворешни дразби, како да е алат.
Медицина
Лауреати за медицина се осум научници што истражувале дали во ноздрите има еднаков број чувствителни влакна. Поводот за истражувањето била состојбата на губење на влакната на скалпот, трепките, веѓите и ноздрите, што ги прави луѓето поранливи на респираторни инфекции и алергии.
Тие утврдиле дека во ноздрите има приближно ист број влакненца, во просек по околу 120, со должина од 8 до 10,3 милиметри. Никој досега ни приближно не изброил колку влакненца луѓето имаат во ноздрите.
Комуникација
Наградата за комуникација им е доделена на осум научници што ги истражувале менталните активности кај луѓето што се вешти при зборување наопаку.
– Инверзното зборување е извонредна способност брзо да се изговараат обратно зборови, псевдозборови, па дури и реченици, за што е потребно прераспоредување на фонемите, но и задржување на нивната форма. Овој феномен отвора можност за истражување како мозокот го обработува секвенционирањето на фонемите – објаснуваат авторите.
Тестирања и скенирања во Ла Лагуна во Шпанија, каде што група луѓе природно, без вежбање имаат вештина да зборуваат инверзно, покажале дека феномените немаат подобро паметење од другите луѓе, но имаат зголемен волумен на сивата маса во мозокот и засилена функционална поврзаност во белата маса, во деловите што се поврзуваат со јазикот.
Јавно здравје
Наградата за јавно здравје ја доби Парк Сеунг-мин, за изработката на тоалетот „стенфорд“, во кој се вградени едно чудо технолошки уреди и сензори за разни испитувања на изметот и урината.
Сензорите, микролабораториите, микрофоните, камерите и компјутерите имаат капацитет итно да го анализираат составот на изметот и да предупредат на разни инфекции, заболувања, дури да откријат и ковид-19.
Здрава исхрана
Наградата за здрава исхрана ја споделија Хомеи Мијашита и Хироми Накамура за експериментите за утврдување дали електрифицираните сламки и стапчиња го менуваат вкусот на течностите и на храната.
Електродите во приборот создавале електрични стимуланси во клетките за вкус во јазикот и можеле да го регулираат „електричниот вкус“ со менување на волтажата.
Образование
Осуммина експерти ја добија Игнобеловата награда за образование поради „методично изучување на степенот на здодевност меѓу учениците и наставниците“.
Предавањето идентичен материјал ја поттикнува здодевноста меѓу наставниците, што се пренесува и кај учениците, намалувајќи го нивниот мотив за учење. Испитувањето кај 437 ученици и 17 наставници во Хонг Конг потврдило дека „досадата е заразна“.
Психологија
Игнобеловата награда за психологија ја добија тројца научници што воделе евиденција колкумина случајни минувачи ќе погледнат нагоре ако некој човек на улица гледа нагоре цела минута.
На улица биле поставени од 1 до 15 референтни „зјапачи“, и биле набљудувани 1.425 случајни минувачи. Кога имало само еден референтен гледач, 4 отсто од минувачите запирале, а кога имало 15, запреле 40 отсто.
Физика
Наградата за физика ја добиле девет научници што го мереле степенот на мешање на водата предизвикан од сексуалните активности на инчуните. Резултатите покажале дека океанската вода била повеќе измешана на местата на кои имало повеќе јајца од инчуни.
Такви услови придонесуваат за повисок квалитет на водата – температурата, соленоста и количеството гас и хранливи материи.