ИФФК „Браќа Манаки“ 2020: Оскаровски лауреати на фестивалот на филмската камера

Оскаровецот Јануш Камински е добитник на „Златна камера 300“ на „Браќа Манаки“, додека наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ДФРМ му ја доделува на филмскиот режисер Столе Попов.

Поради пандемијата на ковид-19, 41. ИФФК „Браќа Манаки“ нема да се одржи како фестивалско издание, туку ќе се одбележи со еден централен настан на 19 септември во Битола и со неколку он-лајн активности.

На прес-конференција одржана во Музејот на современата уметност во Скопје, директорката на фестивалот Гена Теодосиевска и Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), ги соопштија имињата на годинашниот лауреат на „Златна камера 300“ за животен опус, полско-американскиот кинематографер Јануш Камински, и добитникот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ, филмскиот режисер Столе Попов.

– Вирусот ковид-19 нѐ затекна сите и сите ги живееме последиците од оваа катастрофа. Така е и со фестивалот „Браќа Манаки“. Фестивалот е основен приоритет на ДФРМ и Управниот одбор одржа седум состаноци низ кои ја следевме состојбата кај нас и уште повеќе во светот со нашата фела и со останатите фестивали од висока категорија, бидејќи „Манаки“ е изграден по урнек на фестивалите од А-категорија и оттаму главно ја црпи и својата програма. Кан оптимистично најавуваше дека ќе се случи фестивалот, но тоа на крај не се случи. Карлови Вари и Локарно целосно ги откажаа своите фестивалски изданија.

Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ

Имајќи ја предвид спецификата и естетскиот профил на нивните програми тие се фестивали од кои „Браќа Манаки“ ја црпи својата програма. Размислувавме дали добиените пари од државата да ги потрошиме за некаква онлајн верзија, како што тоа го прават некои помали фестивали, без притоа да имаме собирање и проекции во Битола или да го откажеме и да направиме едно скромно обележување – рече Игор Иванов на прес-конференцијата.

Директорката Теодосиевска рече дека 41-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одбележи со доделување на највисоките награди „Златна камера 300“ за животен опус и „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ.

На централниот настан во Битола ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов – Изи. Со видеопорака ќе се обратат и претседателот на ИМАГО, Кеес ван Острум, како и лауреатот на „Златната камера 300“, Јануш Камински.

Исто така, Македонската телевизија ќе прикаже по еден филм од добитниците на наградите. Ќе бидат организирани и две онлајн работилници со добитниците на наградите и со членовите на ИМАГО.

Гена Теодосиевска, директорка на 41. ИФФК „Браќа Манаки“

– Се надеваме дека на овој начин ќе оддадеме почит на сите оние пред нас што направиле за овој најстар и најзначаен фестивал. ДФРМ и јас се согласивме дека не доаѓа предвид на интернет да се прикаже компетитивна селекција поради фактот што не е професионално да се оценува креацијата на кинематограферите со следење филм на компјутер. За да се оцени визуелната структура на овие филмски уметници потребно е големото платно и пријатниот кино мрак – рече Гена Теодосиевска.

Јануш Камински, добитник на „Златна камера 300“ за животен опус

Највисоката фестивалска награда „Златна камера 300“ за животен опус ја доби полско-американскиот кинематографер Јануш Камински, кој е и најмлад досегашен добитник на оваа награда на фестивалот „Браќа Манаки“. Светската слава Камински ја стекнува во креативната соработка како тандем партнер на водечкиот американски режисер Стивен Спилберг, за чии филмови има освоено два Оскара со „Шиндлеровата листа“ (1994) и „Спасувајќи го војникот Рајан“ (1999), а фактички е кинематографер со седум номинации за Oскар.

Столе Попов, добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ

Годинашен добитник на наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е режисерот Столе Попов, автор на култни филмови во македонската кинематографија, како „Црвениот коњ“, „Среќна нова ’49“ и „Тетовирање“. Ги сними и „Џипси меџик“ и „До балчак“, а со „Дае“ имаше номинацијата за Оскар за најдобар краткометражен филм во 1979 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 46, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-30 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот