Иднината од нашите сеќавања

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Зошто би се запрашала нешто таа виртуелна ава, раздувана и однесена од временските ветришта, зошто сè уште би се употребувал поимот левица, кој веќе одамна нема никаква препознатлива содржина, зошто би постоел збор за нешто што не само што веќе не постои, туку и предизвикува недоразбирања и заблуди со самото спомнување?

Секој ден исчезнува по некој животински или растителен вид, по некој јазик, по некој занает. Богатите се од ден во ден сè побогати, а сиромашните сè посиромашни. Секој ден едно малцинство знае сè повеќе, а едно мнозинство сè помалку. Незнаењето се шири со застрашувачка брзина. Сè поголем е проблемот на распределбата на богатството, нееднаквоста е без историски преседан, а експлоатацијата на ресурсите достаса до дијаболични размери. Една шака пребогати поединци и корпорации владеат со светот. Не знам веќе дали тоа сенките или сликите се тие што повеќе ни ја затскриваат стварноста.

Можеме за тоа да расправаме до судниот ден, но несомнено е дека ја изгубивме способноста критички да го спознаваме и да го анализираме она што се случува со светот. Затоа и по две и пол илјади години, повторно изгледа како да сме заглавени во Платоновата пештера.

Ја занемаривме нашата најхумана должност, да размислуваме и да делуваме. Се претворивме во некакви инертни суштества, лишени од способноста за спротивставување, за непомир и побуна, својства што некогаш нè красеа долги години. Стасавме очигледно до крајот на една цивилизација, а онаа што наидува не ветува ништо убаво. Тоа е: неолиберализмот е само новиот тоталитаризам, преправен како демократија, од која ја сочувал само фасадата.

Ова свое разочарување, верувам со некои подобро срочени зборови, го напишал во својата бележница Жозе Сарамаго, на 29 мај, денот кога ги пишувам овие редови, но далечната 2009 година; годината нурната во светската финансиска криза што веќе никој не ја памети, веројатно затоа што сите топтан се лизгаме удолу по нејзиниот сè пострмен кратер. И како што јас го доживувам неговото разочарување од пред четиринаесет години, како да е мое денешно, така и старата писателска планина и доживотен комунист си припомнува на својата реакција од пред уште четириесет години порано, кога светот му се восхитуваше на потполно бесмисленото човеково слетување на месечината. Оваа авантура што тогаш беше славена како да е најголемиот дострел на човечката цивилизација откога постои, беше само грандиозно одвраќање на вниманието од зловестите последици на човековото делување против животот на сопствената планета.

Таканаречениот „голем чекор за човештвото“ беше само величествено месечарење кое не само на заслепените натпреварувачи во Студената војна, туку и на сите нас гледачите во светската арена ни овозможи да заборавиме дека единствените големи чекори за човештвото не се и никогаш нема да бидат горе меѓу ѕвездите, туку долу, секогаш и исклучиво долу, на Земјата по која одиме. А патот до Месечината Сарамаговата моќна имагинација го претвори од лет низ просторот, како што вообичаено го сфаќаме, во фантазмагоричен скок низ времето.

Елем, како резултат на временскиот скок астронаутите не слетале на Месечината, туку на нашата родна Земја, само не на оваа што ја познаваме, бела, зелена, браон и сина, туку на некоја Земја од далечната иднина, сивопрашинеста и без луѓе, без птици, без цвеќе, без ниту една насмевка, без ниту еден нежен збор. Една од живот исчистена и бескорисна планета, со древна историја која нема да има кој да ја раскаже. Мртвата земја барем нема да биде боиште на неизмерната беда, војните, гладот и на маките, каква што беше за целото свое време, ако е тоа единствената утеха во оваа есхатолошка визија на Сарамаго, напишана повторно неполна година пред неговата смрт.

А, ќе се запрашаме, зошто не можеме јасно и критички да го поимаме светот денес, и како е воопшто можно по два века филозофско и идеолошко превирање, од кое избија како експлозии многу и премногу интелектуални алатки за разбирање на светот, за ориентација во секоја прашума од настани, за делување во сите – колку и да се очајни и безнадежни – ситуации; како е можно повторно да заталкаме во Платоновата пештера, повторно да се „претвориме во некакви инертни суштества, лишени од способноста за спротивставување, за непомир и побуна“, како е можно ваквото глобално, безалтернативно заглупување на човештвото? Одговорот е, како и секогаш, во формулацијата на прашањето: самата безалтернативност го парализира мозокот, патот без алтернатива е самиот по себе дијалектичка смрт, стабилна состојба на апсолутна и сеприсутна глупост, општ колапс на умот.

Единствената причина за овој глобален колапс на умот и човечноста е планетарното напуштање на левичарските идеи од деветнаесеттиот век: анархизмот, комунизмот и социјализмот. Исчезнувањето на левицата од европската и од светската политичка сцена, и тоа со манир на најпонижувачко предавство на идеалите, е вистинската причина за безалтернативните безнадежности на денот. Левицата, која во минатото ја претставуваше најголемата надеж на човештвото, која беше кадарна да ја покрене волјата на милионите повикувајќи се само на она што е најдобро во човечката природа, упадна во вировите на сопствените грешки и изопачености, та почна од пред четири децении со секој ден сè повеќе да се оддалечува од сопствените идеали и концепти, и сè повеќе да наликува на своите политички противници и непријатели.

И, ако може, она што остана од левичарската ава, уште да учи и да поима нешто од стварноста, би требало да се запраша, зошто толку ладнокрвно и неповратно се оддалечи од своите природни извори на влијанието, од сиромашните, од онеправданите, од загрозените, но и од оние што сè уште умеат да сонуваат, од сето она што будеше надежи и што беше морално и добро, од можеби најутописката, но и највредната и најблескава социјална и хуманистичка визија на светот? Но, зошто би се запрашала нешто таа виртуелна ава, раздувана и однесена од временските ветришта, зошто сè уште би се употребувал поимот левица, кој веќе одамна нема никаква препознатлива содржина, зошто би постоел збор за нешто што не само што веќе не постои, туку и предизвикува недоразбирања и заблуди со самото спомнување?

Овие мисловни талкања на Сарамаго не ги ставав во наводници, како цитати, не само од голема почит кон писателот и од моето чувство на вина поради премногу слободното, а немушто пренесување и парафразирање на неговите белешки, туку и поради невозможноста да ги одвојам неговите зборови и реченици од моите сопствени. Така и ви ги соопштувам како да се мои, како прирастоци, продолженија и плетери на неговите, та дури помислив дека генијот бил во состојба да месечари по иднината, каде што налетал на моите денешни стенкања и ги запишал тивко во своите бележници.

Конечно, не може човек со душа да не се сложи со големецот, кога се фаќа себеси како залудно се присеќава на нешто дамнешно, што според својата содржина, своите вредности и прогресивни тенденции би морало да биде нашата иднина, а не подзаборавеното минато. За жал, како што веќе многумина забележаа, ниту иднината веќе одамна не е онаа што беше некогаш.

(Авторот е архитект)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот