Иднината на Европа е со Западен Балкан, постои силна поддршка за политиката на проширување

Иднината на Европа без автентичното место на Западен Балкан, е бесмислено. Крајно време е Европската Унија да го исполни сопственото ветување за почеток на преговори откако Северна Македонија ги исполни сите услови. Европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот. Ова се дел од пораките кои премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров ги испорачаа вчера на Самитот за Западен Балкан во Виена.

Заев на Самитот во кој учествуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, изрази надеж оваа година да биде година за паметење, во која ќе биде направен силен исчекор напред со почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, јасен европски прогрес за Србија и Црна Гора, и чиста европска перспектива за Косово и БиХ.

Така, напомена, ќе се испрати силна порака до граѓаните на регионот дека Западен Балкан е нераскинлив дел од ЕУ.

Како што потенцираше, иднината на Европа е со Западен Балкан, а иднината на Западниот Балкан е со Европа.

Според премиерот, ние сега имаме солидна поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која како што напомена, е потврдена од повеќемина европски лидери.

-Затоа, сега е многу важно, и во пресрет на конференцијата, иднината на Европа, политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки, така и во земјите за проширување, да бидат многу погласни, истакна Заев.

Тој уште еднаш повтори и дека јасната перспектива на земјите од Западен Балкан за остварување на нивните цели за членство во ЕУ значат одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите на нивните општества.

Воедно, изрази и задоволство од препознавањето на важноста Западен Балкан да биде дел од иднината на Европа.

-Затоа, да ја направиме заеднички 2021-ва година за паметење, во која ќе биде направен силен исчекор напред бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија. Евроинтеграциите не се трка на кратки патеки, туку маратон со крајна цел – европеизирање на нашата земја. Мандатот добиен од граѓаните ја вклучува и таа цел и додека не ја постигнеме  – нема да запреме, порача Заев.

Според него, со новата Европска комисија, која ја продолжува искрената определба за проширување на претходната, и со лидерите на земјите членки на ЕУ кои ја прифатија новата методологија за проширување, оваа стратешка цел на ЕУ доби повторна виталност која не смее да се загрози со натамошни одлагања на сериозни и конкретни чекори кои се однесуваат на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.

Заев во своето обраќање ја напомена и поддршката од Бугарија, за што рече дека македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно на сила.

-Вклучително и Бугарија потврди дека нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност се неспорни. Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитекските различности на нациите на европскиот континент, рече премиерот.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на Самитот посочи дека е крајно време ЕУ да го исполни ветувањето кон Северна Македонија.

-Крајно време е Европската Унија да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови. Крајно време е за добри вести и прогрес по европскиот пат за целиот регион​, рече Димитров.

Новата методологија за пристапни преговори, посочи вицепремиерот, може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати и на ЕУ.

-Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни, истакна Димитров.

Тематскиот панел беше фокусиран на размена на мислења за процесот на проширување на Европската Унија, при што се дискутирало за предизвиците во пристапниот процес на регионот во светлото на новата методологија за преговори, користењето на фондовите од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и стратешката комуникација на ЕУ со регионот.

И австрискиот канцелар Себастијан Курц по средбата на Самитот соопшти дека Северна Македонија сработи одлично на патот на евроинтеграциите. Според канцеларот Курц, потребно е да се исполнат ветувањата и брзо да се започнат пристапните прегоговори.

Инаку, меѓу земјите членки на Европската Унија има „огромна” поддршка за предлогот што го поднесе португалското претседателство неодамна за надминување на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, потврдија вчера дипломатските извори за МИА.

За неколку дена министрите за европски работи на 27-те земји членки на ЕУ ќе се состанат во Луксембург каде ќе дебатираат за преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија и одржувањето на првите Меѓувладини конференции со овие две земји.

-Португалскиот предлог има за цел да го отвори патот за изнаоѓање прифатливо решение кое ќе ги земе предвид преокупациите на земјата членка и на земјата кандидат, но се разбира дека е суштински да се земат предвид преокупациите и на сите други земји во Советот, одлуката се носи едногласно, објасни за МИА висок ЕУ дипломат инволвиран во процесот.

На последниот амбасадорски состанок на почеток на оваа недела помеѓу земјите членки на ЕУ се разговарало исто така за Северна Македонија и дипломатите потврдуваат дека поддршката за португалскиот предлог е многу голема.

Повеќето земји членки на ЕУ исто така оценуваат дека Тирана и Скопје не треба да бидат одвоени.

Инаку, македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев, но и вицепремиерот Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи, завчера на средбата со бугарскиот државен врв во Софија посочи дека решението на билатералното прашање мора да води грижа за интересите на двете страни.

И македонската и бугарската страна средбите во Софија ги оцениле како значаен исчекор што ќе ги поттикне идните чекори за решенија за отворените прашања, на кои двете страни ќе посветат сериозно внимание и заедно ќе работат низ отворен и искрен дијалог. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот