Идната бугарска влада ќе ја чекаме со „црвени линии“

Сè уште не е закажана собраниската седница на која ќе се расправа за предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и неизвесно е дали спикерот Џафери ќе го стори тоа, оти документот е поднесен со старото име на земјата.

Македонија идната недела се очекува да ги дефинира своите црвени линии за разговорите со Бугарија, каде што, пак, се очекува изборниот резултат и шансите да се формира влада со која од август треба да продолжи политичкиот дијалог за надминување на спорот, а неизвесноста е голема и во двете земји.

Спикерот Талат Џафери сè уште не ја закажал собраниската седница на која ќе се расправа за предлог-резолуцијата што завчера ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ и неизвесно е дали ќе го стори тоа, оти инсистира документот да ги има исполнето потребните услови, а документот е поднесен со старото име на земјата Република Македонија. Од друга страна, Бугарија и по вторпат годинава може да не добие влада затоа што анкетите покажуваат изедначен резултат помеѓу фаворитите ГЕРБ и Има таков народ, што ќе ги забави намерите на словенечкото претседателство со ЕУ веќе во октомври на конференција за Западен Балкан да издејствува пробив за македонските евроинтеграции.

– Официјално не сум го примил документот и не знам што пишува. Основ за мене е тоа што ќе го примам во соодветна процедура како официјален документ, а не во медиуми. За мене официјално е кога ќе го добијам на маса и според Деловникот ќе дадам став – рече Џафери за ТВ24.

ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата

Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ДУИ ќе ја прифати резолуцијата за да се постигне консензус од сите партии.

– Ако се постигне согласност, ДУИ ќе ја поддржи резолуцијата. Покредибилна ќе биде позицијата на сите чинители ако се задржи консензус по однос на овие прашања – вели Османи, кој претходно сметаше дека процесот за усвојување на резолуцијата треба да почне од нула за да учествуваат сите партии и дека резолуцијата може да ги загрози позициите на Македонија во евроинтеграциските процеси.

Од Алијанса за Албанците за вчера најавија дека ќе се изјаснат дали ќе ја поддржат резолуцијата, но до затворањето на овој број од весникот, партијата немаше одлука. Деновите оттаму и од Алтернатива рекоа дека очекуваат и резолуција со која албанскиот јазик ќе влезе во Уставот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека очекува поддршка за резолуцијата од сите парламентарни партии и дека тоа не е документ на ВМРО-ДПМНЕ, туку на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА во чија содржина партијата не интервенирала. За негодувањата зошто не се застапени други етнички заедници, Мицкоски вели дека резолуцијата е таква затоа што никој не го спори идентитетот на албанскиот, турскиот или српскиот народ, туку само на македонскиот.

– Бугарија задира во македонскиот идентитет, посебност, култура, традиција и јазик – рече Мицкоски за Алфа.

Според аналитичарот Благојче Атанасоски, резолуцијата е добредојдена бидејќи сме во тотална блокада од Бугарија, но е задоцнета бидејќи после сите проблеми е јасно дека „ќе беше државнички ако беше донесена во раните 90-ти години за да се соочиме со сите негирања на нашата самобитност“.

– Ова резолуција е зацртување на црвените линии преку кои ниедна влада не смее да помине при решавањето на спорот со Бугарија. Сметам дека таа може да ги подигне влоговите и да ја радикализира состојбата во однос на решавање, затоа што со дефинирани црвени линии од двете страни може да се предизвика директно вклучување на високата американската дипломатија, која ќе изврши притисок врз двете страни – вели Атанасоски за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Македонија во бугарската предизборна кампања

Радикалниот лидер на бугарското ВМРО-БНД Красимир Каракачанов смета дека новата влада во Бугарија ќе ја смени политиката кон Македонија.

–  „Затоа што“, „ДА Бугарија“ и „Мутрите“ директно изјавуваат преку своите лидери дека се за промена на бугарската позиција. Според нив, треба да дозволиме Северна Македонија да започне преговори, бидејќи тоа било европско. И јас го враќам прашањето на нив: За што ве избираат вас луѓето? За европски политичари или за бугарски политичари? Кога бугарски пратеник ќе стане таков, тој дава заклетва во Националното собрание да му служи на бугарскиот народ, а не на странските амбасади и држави. Нели поважно е да се размислува за она што е во корист на бугарскиот национален интерес? И во полза на бугарскиот интерес е Северна Македонија да ја смени својата политика кон нашата земја – рече Каракачанов.

Тој на изборите во април не освои пратенички места, но и покрај тоа не ја смени радикалната реторика и во најновиот предизборен спот со слика од Охрид неговата партија изразува директна територијална претензија кон нашата земја. На оваа провокација македонското МНР реагираше со осуда.

– Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме. Очекуваме официјалните претставници на Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите настапи – пишува во реакцијата на МНР.

Дебата на „Економист“: Наместо балкански, сега имаме европски национализам

 

За нас не постои друга алтернатива, освен иднината во ЕУ. Сакаме да ги европеизираме нашите земји, Скопје, Приштина, Белград, Тирана, Подгорица и Сараево, сакаме да ги почувствуваме придобивките – рече премиерот Зоран Заев на конференцијата на „Економист“ во Атина.

– Од ЕУ 12 пати имаме потврда дека 100 отсто ги исполнуваме критериумите за интеграција во ЕУ. За одредени реформи, како што се во судството, сме подобри од некои земји од Унијата – рече Заев.

Албанскиот премиер Еди Рама на панел-дискусијата истакна дека регионот не сака алтернатива за членството во ЕУ.

– Нам порано ни беше кажано дека процесот на интеграција ќе го потисне балканскиот национализам, но сега се случува спротивното, денес сме заложници на европскиот национализам. И ова е многу тажно, но што можеме да направиме, да продолжиме да чекориме бидејќи немаме друга алтернатива и не сакаме да бараме други алтернативи – рече Рама.

Поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, рече ЕУ мора да најде заеднички јазик и да продолжи со проширувањето.

Поранешниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, пак, подвлече дека историјата не треба да биде затвор за граѓаните од регионот, туку школа.

Пахор и Радев лично ќе бараат решение

Словенечкиот претседател Борут Пахор и бугарскиот колега Румен Радев лично ќе работат за да се најде компромисно решение меѓу Софија и Скопје, за да може Македонија да ги почне  преговорите за членство во ЕУ.  Кабинетот на Пахор соопшти дека на средбата двајцата се согласиле дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан треба да биде што е можно поскоро.

Минатата недела за време на Преспа форумот во Охрид Пахор јавно ја најави оваа средба со Радев како дел од потрагата по решение. Пахор имаше и посебен разговор со македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Проширувањето на ЕУ и деблокадата на Македонија и Албанија е еден од главните приоритети на словенечкото претседателство со Унијата.

Софија не сака да биде надворешна граница на ЕУ

Софија не е заинтересирана да биде надворешна граница на ЕУ, вели професорката од Софискиот универзитет Татјана Дронзина. За бугарски весник таа коментира дека Софија „не е заинтересирана за ширење србомани во Скопје, кои следејќи ги интересите на Србија, на крајот ги следат интересите на Русија“.

Според неа, речиси е невозможно ниту една бугарска влада со овие ставови безусловно да ја поддржи европската интеграција на С Македонија. Бугарија, вели таа, е во апсолутно збунувачка позиција, каде околностите ја тераат да прави работи што не сака да ги прави и разбира дека не е добро да се прават, но во исто време не може да престане да ги прави.

– За 30 години Бугарија не успеа да ги формулира своите барања до Северна Македонија, ниту да постави конкретни рокови за нивно исполнување – вели Дронзина.

Предизборен молк во Бугарија: Утре се гласа за стабилна власт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот