Идентитетски инженеринг не излегува од мода

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Што би зборувале нашите патриоти, совршено глупаво, по цели денови, ако не за идентитетските приказни? Ми дава надеж дека сепак, можеби, Заев и Борисов ќе најдат заеднички јазик ѝ ќе ја надминат оваа епска конфузија и будалштина. Патишта, сообраќај, размена на стока, луѓе, идеи и капитал. Тоа ни треба.

Мајко мила мајчице, само да помине оваа корона, па да се вратиме на нашите „хуманистички занимации“: идентитетските приказни кои малку-по-малку ќе доведат до нова војна, а во меѓувреме ќе придонесат јавната глупавост да се одржува во форма; од друга страна, пак, ќе ја подигнува нашата борбена формација. Што би правеле – ако не дај боже си замислиме – да го неутрализираме „внатрешниот идиот“ и да почнеме да ги уредуваме нашите животи, нашите улици, нашите јавни површини?

Некои „бабуши“ во Софија смислиле неверојатна приказна, или „поджанр“, така што ќе ја одржуваат јавната глупавост на површина на Балканот, односно ќе ја тренираат таканаречената „национална интелигенција“ со приказните за идентитетот.

Со што, драги луѓе, би се занимавала националната интелигенција ако не со „прдежно“ возвишена метафизика на „племенските идентитетлуци“, надувувајќи ги до вселенски димензии, а потоа, со својата фолклорна надменост и комично разбирање на својот идентитет прецизно ќе го раздвои еден од друг до онаа мерка во која секое „мешање“ за својата заедничка блискост ќе стане незамислива. Па, добро, море, Јовановиќ, чуму ни е сиот тој „идентитетлук“? Хех, па од тоа „националната интелигенција“ живее, море, другарчиња, некаде душевно и симболички, а некаде професионално и парично! Од каде инаку ќе ни дотураат „профи патриотизам“?

Не знам бугарски

Ете, ме гледате сите, немојте да се лажеме: зборувам на телевизија со разни патриоти, така ли е, така е, Јовановиќу, ќе речете. Е, тамо, во тие те-ве простории имам (дал Бог!) патриоти-соговорници. Да не ги спомнувам по име и презиме, познати му се на народот и на сенатот. Тие патриоти, имено, се тешки кариеристи, понекогаш се прашувам дали тие луѓе имале некогаш и некоја друга професија, односно живееле ли тие луѓе од нешто друго освен од „приказните за идентитетот“? Сите имаат страшна потреба да ја потврдуваат својата жива состојба. А на нормален човек, свесен за своето постоење, тешко му е да го издржи таквиот притисок.

Думаат така, думаат ли думаат нашите патриоти, во овој случај Бугарите, па создаваат еден измислен проблем, што вели дека „македонскиот јазик е бугарски јазик“, измислен проблем велам затоа што, меѓу другото, не знам еден збор да изговорам на бугарски, освен оној „малката“, а бугарскиот јазик ми е комплетна непознаница. Добро, нешто знам да прочитам или да слушнам, ама ви велам, тој јазик мене ми е комплетна непознаница. Кога би се затекнал во Софија, не би знаел да се снајдам. Прво, двата јазика лингвистички се разликуваат, а во својата дијалектност воопшто не се допираат. Да речеме како што се допираат босанскиот, српскиот, хрватскиот и со црногорскиот јазик.

А понекогаш си велам, море, а што ако Бугарите знаат дека во оваа земја има Македонци на кои презимињата им завршуваат на „ов“ или на „ва“. Па, може тоа ги доведува до ужасниот и спонтан заклучок дека ние сме „едно те исто“, ако не баш исто, тогаш нешто многу слично. Оти, гледајте, ако не сме исто, тогаш се поставува прашањето – зошто ние постоиме ако не сме fucking исто?

Професионални патриоти

Ајде да скратиме „од рибата“, па да преминеме на главното. Декларацијата на Бугарија е комплетна будалаштина. Нема никој право на овој свет, не смее, без разлика дали бил Бугарин, Македонец, Марсовец или Тони Старк лично (го знаете оној гениј и суперхерој од Ајрон Мен?) да спроведува насилен идентитетски инженеринг над луѓето, а притоа уште и колективно и имплицитно присилно. Не смее да им запишува вакви или такви идентитетски формули, или пак, да ги испишува од нив, да им ги тумба животите според некој негов хир и ќиф, и воопшто, не смее да се однесува спрема луѓето – за кои од некаде мисли дека му се доделени на старателство – како да се некакви овци кои не знаат што е добро за нив, туку сега тој ќе ги просветли и ќе им објасни кои се всушност тие. Односно, дека сите ние сме – Бугари. Само што до сега тоа не сме го знаеле.

Нема на светот и во вселената ништо посложено од овие две нешта: човечкиот мозок и идентитетот. Национализмот, од друга страна, дури и кога се кити со национални титули, секогаш е ритуализиран простотилак, а со тоа секогаш се обидува идентитетот да го сведе на едноќелиска-еднозначна структура. Меѓутоа, реалноста за многу брзо време опонира, се буни и се противи. Затоа, да бидам искрен до крај, од оваа „бугарска декларација“ нема ни да биде. Кога би било поинаку, сигурен сум дека нашите „професионални патриоти“ би се дигнале до небеса, само што повторно би настанало кошкање и тепање: нема да може да одлучат кој меѓу нив е најголемиот „патриотски“ интелектуалец. Без разлика дали станува збор за бугарски или за македонски.

Идентитет, братко, тоа ти е профитабилна професија. Што би зборувале нашите патриоти, совршено глупаво, по цели денови, ако не за идентитетските приказни? Ми дава надеж дека сепак, можеби, Заев и Борисов ќе најдат заеднички јазик ѝ ќе ја надминат оваа епска конфузија и будалштина. Патишта, сообраќај, размена на стока, луѓе, идеи и капитал. Тоа ни треба. Сега, овде и веднаш!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот