Идентитетот и македонскиот јазик нема да бидат жртвувани

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Предупредувања и црвени лини фрчат и од македонска и од бугарска страна во дипломатската битка за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија до крајот на оваа година. Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров викендов јасно посочи дека Македонија нема да го жртува идентитетот и македонскиот јазик за да ги почне преговорите и дека е можно заедничката меѓувладина конференција со ЕУ да не се одржи, и покрај интензивните напори да се постигне договор, а вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, пак, рече дека Германија ѝ врши силен притисок на Бугарија, но тие нема да „ѝ свртат грб на 1.000 години историја“.

Во петокот, Мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања во Скопје не постигна значителен напредок околу спорните прашања за идентитетот на револуционерот Гоце Делчев, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски побара лидерска средба и го повтори тврдењето дека Бугарија на Македонија ѝ побарала нов билатерален договор наместо Договорот за добрососедство од 2017 година, кој би опфаќал и уставни измени. Ситуацијата дополнително ја вжешти и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој најави дека деновиве ќе оди во Софија за да помогне во разбирањето на состојбата и им порача на Македонците да читаат оригинални архивски документи за да ја дознаат вистината дека „Македонец и Бугарин е исто“.

Димитров: За македонскиот јазик нема преговори

– Сите земји членки на ЕУ се свесни, особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор. Или ќе имаме заеднички успех или заеднички дебакл. Земјава прави дипломатски напори да се најде излез. Се вложува во билатералниот однос со Софија и наскоро ќе се види резултатот. Во овој момент зависиме од согласноста на сите до една земји-членки. Ќе бидеме разумни и мудри, ќе го промовираме и ќе го чуваме тоа што е наше и ќе работиме на почит и разбирање, меѓутоа легитимно е да очекуваме возвратна почит и разбирање. Ќе видиме што ќе биде – рече вицепремиерот Димитров на вонредна прес-конференција.

Тој нагласи дека македонскиот јазик е влезен во документите и комуникацијата на ЕУ, а правото на самоопределување во 21. век не може да доаѓа од земја-членка на ЕУ.

– Ќе биде исклучително тешко, а можеби и поразително за целиот регион и политиката на ЕУ кон Западниот Балкан ако идентитетските прашања станат пречка. Апсолутно во овој момент не може да се исклучи дека нема да има меѓувладина конференција и ако причината за тоа е македонскиот јазик, јас сум апсолутно океј со тоа – рече Димитров.

Тој истакна дека Германија како претседавач има  јасна позиција дека приоритет е Македонија да ги почне преговорите. Вицепремиерот рече дека Германија има разбирање за позициите на Македонија, но дипломатските напори ќе продложат за да се „најде разбирачка со Бугарија за прашањата за кои е можна, а каде сигурно не спаѓаат идентитетот и македонскиот јазик“.

Бугарскиот вицепремиер Каракачанов потврди дека Германија врши притисок врз Бугарија да не го попречува стартот на преговорите и дека им настапува со агументот „потоа можете повторно да ги запрете“.

– Некои Македонци веруваат дека Германците и другите земји ќе направат притисок врз нас и ние безусловно ќе се согласиме да ги поддржиме. Тие нѐ притискаат, тоа е факт. Но, извинете, Бугарија има свое достоинство и политика. Тоа е суверена држава – рече тој во ТВ-интервју.

Тој посочи дека Грците поставувале услови 18 години и успеале да ги сменат името и знамето на Македонија, а „Скопје три години нема желба да почитува културен и толерантен договор меѓу две братски држави.“

Георгиевски ќе им објаснува на Бугарите

Лидерот на опозицијата Мицкоски не очекува дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите и повика на лидерска средба „за сите актуелни, а крупни политички прашања кои ќе ја детерминираат иднината на македонските граѓани и на Македонија како држава“.

– Сериозни прашања се решаваат на маса. Потребна е не една, туку повеќе лидерски средби и заеднички да излеземе со решение пред граѓаните – рече Мицкоски.

Тој повтори дека е разговарано за нов договор со Бугарија, кој ќе биде сличен на Преспанскиот и ќе опфаќа уставни измени и додава дека никој од бугарска страна тоа не го демантирал.

Поранешниот премиер Георгиевски, пак, во интервју на „360 степени“ најави дека ќе ја посети Софија, откако неодамна разговарал со премиерот Зоран Заев, каде ќе има јавни настапи за да разбие некои тези што се шират во Бугарија, со цел тамошната јавност правилно да го процени однесувањето на македонските лидери.

– Софија не ги цени доволно напорите што ги прават претседателот Стево Пендаровски и премиерот Заев. Јас никогаш кога сум бил премиер не сум кажал дека Гоце Делчев е заеднички јунак на Македонија и на Бугарија, затоа што ќе ме растргнеле тогаш во македонската јавност. Сум кажал дека треба да го преиспитаме нашиот однос кон Бугарија. И дека Бугарите биле поголеми пријатели кон Македонија отколку што сакала да ни ги прикаже југокомунистичката историографија. Меѓутоа, ваква изјава од типот дека Гоце Делчев е и македонски и бугарски херој јас немам кажано. Сметам дека сон на бугарската политика, долги години, беше да добие таква изјава од македонска страна, и сега одеднаш кога ја имаат таа изјава, имам чувство како да не сфаќаат што значи за еден македонски политичар да каже: чекајте Делчев е заеднички јунак – рече Георгиевски.

Тој додаде дека во архивските документи секаде можело да се види дека „Македонец и Бугарин се едно исто“ и дека „во Македонија нема ништо за периодот на двете балкански војни  и Првата светска војна“.

– Ова е затоа што и левите и десните беа на страната на Бугарија. Имаме илјадници доброволци кои се бореа во редовите на бугарската армија. Македонија, исто така, не знае ништо за Македонската патриотска организација во САД и Канада, која е основана од елитата на македонската бугарска емиграција. Проблемот со препрочитување на македонската историја не е заради Договорот со Бугарија, ние тоа треба да го направиме за нас самите. Ние негираме огромна, богата историја само затоа што има многу силна врска со Бугарија. Ние негираме жив народ затоа што тие се идентификуваа како македонски Бугари – вели Георгиевски.

Топалов: Бугарија се бори за Македонија

Љубчо Георгиевски мора да се бори за каузата за која зборува, но не во Бугарија, туку во РС Македонија. Во Бугарија сме свесни за историската вистина, и тој нема што да ни ги отвори очите, изјави бугарскиот професор Кирил Топалов за БГНЕС. Топалов е член на заедничката бугарско-македонска комисија за историски работи.

Георгиевски мора да ги убеди своите сограѓани да престанат со антибугарската кампања. Апсурдно е затоа што Бугарија се бори за Македонија. Нивната независност за првпат ја признавме во 1992 година, им помогнавме кога имаше ембарго, им дадовме тенкови и топови да се бранат. Ги спасивме од одмаздата на југословенскиот диктатор Слободан Милошевиќ. Разочаран сум што таму тече бесен бран антибугаризам. Се прикажуваат ужасни карикатури на бугарски политичари, а во исто време тие сакаат истите овие политичари да ги прифатат во ЕУ. Не може да биде така! – вели Топалов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот