Иако беше најавен за оваа недела, никој не знае кога ќе почне скринингот кај децата во училиштата

Скопје, 01 септември 2021 / Слободен Печат. / Ристе Пејовски

Иако беше најавено дека од оваа недела се очекува да започне скрининг тестирањето за ковид-19 на 8.200 ученици од основните и средните училишта, директорите на неколку основни и средни училишта со кои стапивме во контакт немаат добиено никакви насоки.

– Немаме добиена никаква насока ниту нешто конкретно што се однесува на скринингот на учениците. Очекуваме допис од надлежните министерства за образование и за здравство, но не би можел да соопштам детали околу тоа. Интерес има и кај родителите, често прашуваат и се интересираат, вели Хари Стојановски директор на ОУ „Невена Георгиева Дуња“.

Слична информација добивме и од директорките на ОУ „Кирил и Методиј“ Соња Кирковска и на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, Маја Салиу.

Од Министерството за образование и наука, велат дека се уште нема нови информации во врска со спроведувањето на скринингот.

МОН е во координација со Министерството за здравство кое е надлежно за координација на овој процес. Во моментот кога институциите ќе имаат нови информации, јавноста ќе биде навремено известена, ни одговорија од МОН.

Од Министерството за здравство, пак, велат дека се работи на креирање примероци во училиштата како и прибирање согласности од родителите односно старателите за тестирање на децата.

– Трансмисијата во училиштата е многу мала, а со овој скрининг ќе ја утврдиме состојбата бидејќи многу често децата се и асимптоматски носители. Во скринингот се опфатени 8.200 ученици, а ќе бидат тестирани со брзи антигенски тестови. Во моментов се работи на креирање примероци во училиштата како и прибирање согласности од родителите односно старателите за тестирање на децата, велат од МЗ.

Како  што е познато, тестирањето ќе се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот и ќе биде со согласност на родителите. Скринингот е предвиден да трае пет дена, а дневно да бидат тестирани по околу 1.600 деца во самите училишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот