И во услови на коронавирус, факултетите ќе ги наполнат амфитеатрите со студенти за да полагаат испити

Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Од понеделник веќе се закажани писмени испити на повеќе факултети, на кои се пријавени и по 150 студенти.

Неделава амфитеатрите ќе се наполнат и студентите со физичко присуство ќе ги полагаат испитите, дознава ,,Слободен печат” од загрижени студенти. Од понеделник веќе се закажани писмени испити на повеќе факултети, на кои се пријавени и по 150 студенти. Бидејќи становите им се откажани, а студентите не можат да престојуваат во студентските домови, единственото што им преостанува е да допатуваат во главниот град и лично да се појават собрани од сите градови ширум земјава.

Има дури и студенти на кои од среда им се закажани испити по епидемиологија. И на Машинскиот факултет беа закажани испити за неделава со пријавени по 90, па и 110 студенти од предмет, но откако се појавија зголемен број новозаразени со Ковид 19, факултетот реши да ги одложи испитите со физичко присуство за следната недела. Но, на другите факултети, вознемиреноста е голема, зашто, како што велат студенти, сесијата почнува од 8 јуни, со по 40 луѓе во амфитеатар, а онлајн полагање не е обезбедено освен за мал број предмети. Сите други мора да се појават лично.

– Веднаш по тридневниот карантин, во Скопје во понеделник се закажани писмени испити на кои има пријавено и по 110 студенти. Значи, во една или две предавални, се едно, деца кои треба да дојдат од цела Македонија, а немаат каде да спијат, откажани им се становите а студентските домови не работат, треба лично да се појават, таман да го разнесат вирусот и таму кај што го нема. За ова мора некако да реагира Министерството за образование – не алармираше загрижена родителка на студент што треба да полага.

Студентка од Стоматолошкиот факултет при УКИМ вели дека јунската сесија започнува на 10 јуни, а распоред немало шест дена претходно.

– Денеска е четврти јуни, ние на Стоматолошки факултет при УКИМ започнуваме со јунска сесија на 10 јуни, а распоредот уште го немаме. Се ќе биде со физичко присуство, а сите сме свесни дека ситуацијата се влошува од ден на ден. На нашиот факултет голем број студенти не се од Скопје, нема ниту каде да престојуваат, а не па во тек на пет дена да најдат некаде да престојуваат – вели студентка на Медицинскиот факултет.

Министерството за образование не е е изненадено од ваквите закажани сесии. Оттаму велат дека опцијата да има полагања со физичко присуство за студентите постои и ја правдаат со Уредба со законска сила донесена од страна на Владата.

– Тековната академска година кон крајот на март продолжи да се реализира со далечинско учење, во чии рамки преку примена на електронска комуникација треба да се спроведе и проверката на знаењето на студентите. Но, постои и дополнителна опција. Согласно измените на уредбата со сила на закон од пред десетина дена, издадена е и можност за проверка на знаењето, вежбите, консултациите, одбрана на семинарски, дипломски, магистерски и докторски тези и трудови да може да се организира и со физичко присуство на студентите и професорите на оние факултети каде постои можност и услови за тоа, согласно протокол за полагање на испити кој го изготви МОН, велат од МОН за ,,Слободен печат”.

Протоколот е одобрен од Комисијата за заштита од заразни болести. Од ресорното Министерство тврдат дека самите студенти барале да полагаат со физичко присуство.

– Ова беше барање на студентите кое е прифатено, во интерес на објективноста на процесот на проверка на нивното знаење, така што потенцираме уште еднаш дека за полагањето на испитите сега постојат две можности, онлајн или со физичко присуство на факултет – додаваат оттаму.

Од МОН тврдат дека секоја високообразовна установа има автономија да ја организира работата и во тој контекст да одлучува и за спроведување на испитите и проверката на знаењето на студентите. Но, ако има испити со физичко присуство, тие мора да се спроведуваат по протоколот за полагање испити. Но, колку тоа ќе биде успешно изведено со пријавени со по 110 студенти одеднаш?!

Според протоколот, при полагањето на испитите, секоја површина мора темелно да се дезинфицира. Пред да влезат да полагаат, на влезот сите студенти мора да ги пречека средство за дезинфекција на обувките и рацете. На влезовите од факултетите, студентите ќе ги дочекуваат и едукативно информативни материјали да ги потсетат да носат маски, да одржуваат растојание од 2 метри и за правилна респираторна хигиена.

Доколку испитот се полага усно, помеѓу секој термин, односно распоред за усно полагање на испит потребно е да има пауза во траење од 20 минути. Доколку испитот се полага писмено, високообразовната установа постапува или ги реди масите и клупите за полагање во салите, определена за таа намена, која треба да овозможи најмалку 2 метри оддалеченост меѓу присутните во просторијата. Студентите мора да носат маска и ракавици.

Во просторијата каде се изведува испитот високообразовната установа претходно ги означува местата на кои е дозволено седењето со почитување на меѓусебното растојание. При испит, доколку се користат определени ресурси, средства и материјали, потребно е задолжително истите да бидат дезинфицирани и при секоја наредна употреба истите повторно да се дезинфицираат. Просторијата во која се спроведува испитот често треба да се проветрува. За време на паузите се забранува групирање на присутните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот