И странските донации недоволни за да се спасиме од ѓубре: Гевгелиската депонија три години по отворањето зјае празна

Фото: Unsplash

Локалната самоуправа не стори доволно за да ја искористи донацијата на јапонската влада и да ја стави во функција депонијата кај Конско, со што би го решила проблемот со палењето на ѓубриштето, сметаат гевгелиските екологисти

Речиси три години откако е свечено пуштена новата депонија во Гевгелија, изградена комплетно со донација на јапонската влада, таа уште не функционира. Наместо тоа, комуналниот отпад  од целата општина се носи на ѓубриштето кај Сува Река, кое не задоволува ниту минимум на еколошки стандарди. Честите палења летово, од кои најновото пред само неколку денови го гаснеа екипите на Територијалната противпожарна единица Гевгелија, претставуваат сериозен еколошки проблем за гевгеличани.

– Завршени се инфраструктурните зафати што треба да овозможат да профункционира новата депонија кај Старо Конско и штом почнат градежните активности за ревитализација на старата градска депонија кај Сува Река, ѓубрето ќе почне да се носи на новата – вели за „Слободен печат“ градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков.

Поцков: Старото градско ѓубриште ќе се затвори за шест месеци

Според гевгелискиот градоначалник, Општината успеала да издејствува од Меѓународната организација за бегалци (ИОМ) донација од 120 илјади евра за изградба на пристапниот пат, додека локалната самоуправа со сопствени средства донесла вода до новата депонија.

За старото градско ѓубриште, Поцков ветува дека бугарската компанија, која го доби меѓународниот тендер за затворање и уредување на локацијата на ѓубриштето кај Сува Река, наскоро ќе почне со подготвителните активности, а целосното затворање на ѓубриштето би требало да се случи во рок од шест месеци.

Според гевгелиската локална самоуправа, проектот ќе се реализира со грчки грант, за што веќе е потпишан договор меѓу Министерството за животна средина и грчката амбасада во Скопје.

Станува збор за неискористените 420.000 евра од средствата со кои грчката влада учествуваше во изградбата на пречистителната станица во Гевгелија. Оваа пречистителна станица ги преработува отпадните комунални води пред тие да бидат испуштени во Вардар.

Новата депонија веќе оштетена?

Гевгелиските екологисти неодамна одржаа предупредувачки блокади на влезовите во градот, протестирајќи против можноста Гевгелија да стане центар за преработка на отпад со увоз од странство. Тие сметаат дека локалната самоуправа не сторила доволно за да ја искористи донацијата на јапонската влада и да ја стави во функција новата депонија кај Конско, со што би го решила проблемот со палењето на ѓубриштето и дивите депонии.

– И по 3 и пол години на новата времена депонија уште нема вода и струја, има еден фотоволтаик за струја, но и тој не е во функција – вели екоактивистот Ангел Наков од Гевгелија.

На новата депонија, поради несоодветно постапување, веќе била оштетена и заштитната геомембрана што служи како заштита од загадување на подземните води, предупредува Наков.

Новата депонија во Гевгелија, според плановите на Министерството за животна средина, треба да биде само преодно решение додека не се реализира Стратегијата за отпад, според која е предвидена изградба на регионални депонии.

Се предвидува комуналниот отпад и од Гевгелија да се носи целосно на преработка и согорување во идната фабрика за горење отпад што е предвидена да се гради во Неготино, а која неодамна ја промовираше лично премиерот Зоран Заев.

Од Министерството за животна средина категорично негираат дека со ова се напушта постојниот план во државата проблемот со отпадот да го решава со изградба на систем на регионални депонии.

Пречистителната станица се мачи со пиперките

Постројката на пречистителната станица за отпадни води во Гевгелија, изградена со донација од грчката влада, која во 2018 година е пуштена во употреба, неколку години по ред, во текот на летните месеци и есента, кога е најголема активноста на капацитетите за преработка на градинарските производи, трпи оштетувања.

Сепараторот за песок во рамките на станицата, наместо песок, цело време вади семки и делови од пиперки што често ги затнуваат цевководите, ги преоптоваруваат компресорите што трошат многу повеќе струја, па дури и ја блокираат работата на пречистителната станица.

– Ги задолживме фирмите кои работат со конзервирање на зеленчукот да изградат таложници, кои треба да го издвојат отпадот од пиперките пред тие да завршат во канализација – ни рече градоначалникот Поцков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот