И со новите предлог-мерки, нема најава за ограничување на цената на ПЦР-тестовите

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Нема најави за ограничување на различните цени за ПЦР-тестирање и по најавите за нови мерки со кои се предлага вработените кои се невакцинирани на работа да можат да се појават само со негативен ПЦР-тест. Од кабинетот на министерот немаат конкретен одговор на прашањето на А1он: дали поради новите мерки размислуваат за воведување единствена цена на тестирањето или ограничување на цената.

„Во Законот за здравствена заштита е регулирана цената за лицата кои здравствените услуги за детекција на заразна болест (со ПЦР-метода или со примена на друга метода одобрена од Министерството за здравство), ги плаќаат со лични средства“, стои во одговорот од Министерството.

Здравствените власти засега немаат одговор ниту на прашањето зошто пропаднаа сите досегашни обиди за ограничување на цената на ПЦР тестирање, на кои доброволно се нафатија дел од приватните клиники, но конечен договор сепак не се постигна.

Она што се постигна е само пониска цена на тестовите во јавните здравствени установи, откако пациенти покажаа фактура која Фондот за здравство ја исплаќа на државните лаборатории за тестирањето кое е бесплатно за осигурениците. Пациентите пријавија дека Фондот им исплаќа на јавните здравствени институции три до четири пати повисока цена за тестирање од онаа што граѓаните ја плаќаа во приватните лаборатории. Во приватните лаборатории имаше тестови и за 1200 денари, а Фондот им префрлаше на јавните институции по 4950 денари за еден тест. По реакциите на јавноста, лани во септември Фондот за здравство ги намали цените за повеќе од 50 отсто и за еден тест почна да префрла по 1850 денари, потсетува А1он.

Најавите дека невакцинираните вработени за да одат на работа ќе биде задолжително да имаат негативен тест, а посебно договорот со Синдикатите за тестот да плаќа работодавачот, наидоа на многу реакции во јавноста. За тоа кој ќе ги плаќа тестовите, како и за задолжителната вакцина за здравствените работници, Владата требаше да одлучува на седница во вторникот, но расправата беше одложена поради автобуската несреќа во Бугарија. Предложените мерки ќе се разгледуваат на следната седница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот