И со имињата се претера!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Во Скопје секогаш има поприоритетни проблеми за решавање отколку занимавање, одново и одново, со имиња на улици. Нив еднаш ги прежаливме и не мора истото да ни се случува на неколку години. Премногу е!

Единствена шанса да се сочува здравиот разум во нашава држава е доколку имаме кусо паметење. Да ни трае едно година до две и да ги заборавиме сите зборови и ветувања што ни биле дадени и надежите што сме ги имале. Друг начин нема. Сите што долго паметат, а за жал повеќето сме такви, постојано ќе се прашуваме – сѐ ли е во ред со нас? Зарем навистина мислат дека не паметиме, дека сме заборавиле?

Еве, на пример, за ситуацијата со имињата на улиците во Скопје. Истите оние што пред осум години, во занесот на антиквизацијата и барокното „преслекување“ на центарот на градот, ги променија имињата на стотици улици обидувајќи се да ја избришат од нив поновата историја и да нѐ вратат во времето пред нашата ера, сега тие се најгласни против имињата што ги предлага актуелната градска власт. Тогаш на Коце Трајановски и неговите сопартијци око не им трепна за револтот на скопјани, за иницијативата на граѓаните против промената на имињата. Со една одлука ги избришаа називите и на сите култни улици што значеа многу за скопјани. Што беа дел од душата на градот. Ги сменија таблите со имињата на улиците, личните документи и притоа не помислија ни за трошокот на државата, ни за трошокот на граѓаните.

Сега им текна за тоа. Кога Петре Шилегов го достави списокот со имиња на улици и инфраструктурни објекти со кои треба да биде дополнет постојниот список, актуелните опозиционери го кренаа гласот – де што ќе му е тоа, де насилно се менувала историјата, де се бришеле значајни македонски личности и слични веќе слушнати муабети од оние што сега ја имаат власта. Па сега замислете, ВМРО-ПМНЕ опоменува колку ќе ја чинело државата промената на таблите со имињата, каков удар ќе било тоа врз џебот на луѓето. Смешно, тажно и дури безобразно кон граѓаните.

Како и да е, сега на списокот, со дополнувањето, има околу 1.200 имиња од кои во иднина би се избирале називи на улици, нови или стари, и на други објекти. Сите историски периоди се тука. Па кој како дојде да раководи со градот, ќе може да си избира име во зависност од моменталната преокупација – антика, комити, партизани, комунисти, патриоти, знајни и незнајни јунаци. Циркуси! А граѓаните ќе реагираат, ќе негодуваат и ќе менуваат адреси во лични документи.

Во Скопје секогаш има поприоритетни проблеми за решавање отколку занимавање, одново и одново, со имиња на улици. Нив еднаш ги прежаливме и не мора истото да ни се случува на неколку години. Премногу е! Има ветени и нереализирани проекти, инфраструктурни проблеми, аерозагадување, неконтролирана изградба, сообраќаен хаос. Има за што сериозно да се засукаат ракавите!

Но, за враќањето на старите имиња на култните скопски улици, треба да се разговара. Јас сум родена и израснав на Ленинова, улицата која сега изнасилено се нарекува по дедо му на Александар Македонски, кралот Аминта Трети. И кога ќе се спомене нејзиното име, како што се обиде да објасни Шилегов, навистина никој не помислува на Ленин, иако по него е именувана. За скопјани таа е еден од препознатливите симболи на градот, со дрворедите од костени, со мирисот на некогашното и сегашно Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот