И Словенците пресилни за најдобрите македонски ракометари!

Фото: EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Во првиот натпревар од главната фаза на Светското првенство денеска македонската сениорска репрезентација загуби убедливо од Словенија со резултат 21:31.

Одлично го започнавме натпреварот, во првите пет минути водевме со 1:0, 2:1 и 3:2, украдовме топка преку Маркоски, а потоа зголемивме и на плус два благодарение на Лазаров кој беше сигурен од пенал.

Следуваа низа неколку нереализирани напади на двете страни, но и натаму одржувавме минимално водство, имавме 5:4, а Талески го запиша првенецот на Мундијалот и за 6:4, но веднаш возврати крилото Гајиќ. Лазаров не успеа да го пронајде Пешевски, казнија противниците преку Доленец за нов егал на средбата во Каиро.

Фото: EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Во незгоден момент Кузмановски доби две минути исклучување, тоа го искористија Словенците со погодок преку левото крило Хенигман за нивна позитива од 7:8 и тука како да застанавме.

Митревски со своите одбрани го одржуваше и натаму нашиот тим резултатски, но ние повторно бевме со играч помалку откакоа две минути доби Талески, и тоа знаеше да го искористи ривалот кој се одлепи на „плус два“ со голот на Мачковшек.

Почнавме да грешиме во нападот поради сè поцврстата одбрана на Словенија која зголеми на 9:12 со погодокот на Благотиншек, но и голманот Лесјак кој веќе собра 10 одбрани, а ние скоро девет минути бевме без погодок и првото полувреме го завршивме со негатива од „минус четири“.

На стартот од вториот дел продолжија нашите грешки, тешко доаѓавме до реализација, Лесјак постепено ги запираше нашите удари, тоа беше наградено од неговите соиграчи тресејќи ја сè почесто нашата мрежа. Немавме решение за брзиот Зарабец, за Мачковшек, им се придружуваше Доленец, за веќе големи 12:20, како најава за третиот пораз на Македонија на ова СП.

Фото: EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Добија шанса и резервите на овој меч, Серафимов го замени Лазаров, а Томовски влезе во игра како замена за Митревски. Втората наша голманска опција за краток период запиша три одбрани колку да намалиме барем нешто, а во тоа придонесе и младиот десен бек Серафимов со неколку голови.

Словенија ја докажа фаворитската улога, и со новите бодови ја продолжи трката за една од првите две позиции во групата кои водат во четвртфиналето, а за нас останува да го поправиме впечатокот и да бараме позитивни резултати против Русија и Белорусија за што подобар пласман.

СП Египет 2021

Главна фаза

Македонија-Словенија 21:31 (9:13)

Група „4“

Македонија-Словенија: Митревски (8 одб.), Томовски (5 одб.), Стоилов 1, Кузмановски 4, Лазаров 5, Талески 3, Димитриоски 2, Пешевски 2, Серафимов 2, Поповски 1, Танкоски 1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот