И штедењето струја има своја цена, на посиромашните тешко ќе им оди

Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Фасадна изолација со стиропор од 8 сантиметри чини 25 евра за квадратен метар, за ПВЦ-прозорците има големо шаренило од цени, но како и да е, тие се поголема инвестиција

Објавените мерки на Владата за заштеда на електрична енергија предизвикаа зајадливи коментари во јавноста. Но, експертите за енергетска ефикасност објаснуваат дека токму овие мерки се како од учебник, односно тоа се мерки со кои треба да се постигне помала потрошувачка на електрична енергија, а да не се загрози удобноста на живеењето, што е и дефиниција за енергетска ефикасност. Сепак, за да се постигне енергетска ефикасност, потребни се одредени вложувања, кои на подолг период би се вратиле преку помали сметки за струја.

Експертите укажуваат дека за да се изгради еден целосно енергетски ефикасен дом од висока класа – од вградени материјали, преку енергетски најефикасни систем на загревање и ладење до соодветни прозорци и врати, инвестицијата ќе биде и 40 проценти поголема во однос на „обичното“ градење.

Ако, пак, се пробува да се подобри енергетската ефикасност на еден стар објект, и тука пресметките покажуваат дека треба да се вложат доста пари. Секој експерт за енергетска ефикасност вели дека траба да се почне со изолација на фасадата – внатрешна, или надворешна и со замена на вратите и прозорците. Во моментов изолација со стиропор од 5 сантиметри чини 23 евра, од 8 сантиметри 25, а 10-ката е 27 евра за квадратен метар. Но, како што велат мајсторите со кои разговаравме, од понеделникот тие добиле нови цени за лепилото, па и оваа цена мора да претрпи корекции.

Што се однесува до ПВЦ-прозорците и вратите, има различно шаренило од цени во зависност од тоа за какво стакло станува збор, со колку комори, брендот на самата ПВЦ-столарија, димензии… Експертите за енергетска ефикасност велат дека не е доволно да се купи само нов ПВЦ-прозорец за вистинска енергетска ефикасност. Искуствата од пазарот се различни. На пример, онлајн може да се купи готов единечен прозорец со димензии од 80 на 120 сантиметри за 100 евра. Еден наш сограѓанин, пак, вели дека за комплетна смена на прозорците и вратите од двете тераси во еден стан од 60 квадратни метри, заедно со ролетни и комарници платил дури 4.000 евра. Поточно, ова е крајната сметка за новиот двокрилен прозорец со двокрилна врата, еднокрилен прозорец со еднокрилна врата и за уште еден трокрилен прозорец.

Една од препораките на Владата е и кога ќе се купува бела техника, таа да биде со поголема енергетска ефикасност. Најисплатливи машини за алишта во поглед на потрошувачката на струја, без сомнение, се оние со инвертер-мотори. Но, таква машина сега не може да се најде со цена пониска од 16.000 денари, додека оние што не се со инвертер може да се купат и за 12.000 денари. Потоа, за да се искористи ноќната струја најдобро е машината да има тајмер, а со тајмер се поскапи и тоа за по неколку илјади денари.

Владата информираше дека пред нас претстои најтешка зима и побара од сите совесно да се однесуваат. Но, очигледно голем дел од граѓаните и да сакаат, не ќе може да бидат енергетски ефикасни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот