И СДСМ и Мицкоски во конфликт околу оставката на историчарот Ѓорѓиев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека е шокиран од веста дека историчарот Ванчо Ѓорѓиев поднел оставка од членството во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Ѓорѓиев обвини дека висок функционер на МНР деновиве вршел силни политички притисоци врз работата на комисијата и дека тоа е причината за неговата оставка.

Мицкоски денеска во Битола ги повика и сите други членови на Комисијата да се повлечат.

Мицкоски нагласи дека ако е вистина тоа оти „некој меѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет и да ја продава Македонија и на сметка на тоа политички да опстане”, тогаш тој „навистина е шокиран”.

– Веднаш повикувам и останатите членови на Комисијата која преговара, да ја следат постапката на професорот Ванчо Ѓоргиев. Ние имаме јасна Декларација во Парламентот и очекувам да се држат до Резолуцијата што ја усвои македонскиот Парламент. Очекувам личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна и апелирам до членовите на историската комисија за трезвеност, патриотски чувства, затоа што ова се чувствителни моменти за македонскиот народ и да внимаваат што преговараат и што потпишуваат, изјави Мицкоски.

На ова реагираше владејачкиот Социјалдемократски сојуз, кој го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека тој стои зад одлуката на Ѓорѓиев да се повлече.

– Дебакл на Мицкоски, не додржа и призна дека оставката на членот на комисијата е негово дело. Со повикот до останатите членови на Комисијата и тие да си дадат оставка, Мицкоски се обидува по којзнае кој пат да ги поткопа позициите на државата и да ги влоши односите со Република Бугарија. И Комисијата и владата ги демантираа лажните вести на Ѓорѓиев за наводни притисоци врз работата, но тоа не го спречува Мицкоски во неговите деструкции. Одамна е прочитано ваквото неодговорно, антинародно и антидржавно однесување на Мицкоски, затоа повторно ќе биде казнет од граѓаните – велат од СДСМ.

Претходно, на оставката и изјавите на Ѓорѓиев реагираше и Владата, која оцени дека „со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев си дозволил да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Комисијата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот