И премиерот на мета на мафијата

Во разговор со повеќе новинари минатата недела, премиерот Кривокапиќ потврди дека и тој, а не само неговиот вицепремиер Абазовиќ, добил закани по живот од моќната црногорска мафија

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, минатата недела изјави дека и тој добил заканувачки пораки од криминалните кланови, но не им придал важност, бидејќи со тоа се занимаваат безбедносните служби. Тој во настап пред новинарите во Собранието на Црна Гора информираше дека бројот на обезбедувањето на вицепремиерот Дритан Абазовиќ се зголемил поради сериозните закани што ги добивал.

„Го разбирам Абазовиќ како човек, знам дека е физички загрозен. И јас добив такви пораки, верувајте ми, не им давав многу значење, безбедносната служба ми додели поголем број обезбедување, а тие велат дека истата работа е со вицепремиерот, и неговото обезбедување е зголемено“, вели Кривокапиќ. Тој додаде дека, кога станува збор за заканите кон Абазовиќ, станува збор за точни информации, дека во тоа нема спинување.

„Жал ми е што Собранието и сите ние не покажавме поголема солидарност, бидејќи вицепремиерот Дритан Абазовиќ започна отворена борба против организираниот криминал и корупцијата, и таа му припаѓа нему на местото што го покрива. Сите треба да го поддржиме по тој пат, за корупцијата да стане нула, а криминалот да се сведе на мерка што е прифатлива за сите граѓани на Црна Гора“, рече Кривокапиќ.

Блиндирани автомобили

Поради информацијата дека членовите на Кавачкиот криминален клан планираат да го ликвидираат, Абазовиќ го чуваат специјалци вооружени со „долги цевки“, а доделен му е и блиндиран автомобил. Според информациите на „Вијести“, зголемен е бројот на членови од Секторот за безбедност на лица и институции кои се распоредени околу зградата во која живее Абазовиќ, како и на местата каде што престојува.

Кланот Кавач му се закани и на Абазовиќ по парламентарните избори во 2020 година, откако тој одби да се сретне со нив. Неделникот „Монитор“ тогаш објави дека во тоа време тој добил предупредување: „Ќе се видиме, вака или онака!“

Од извори на извршната власт, „Вијести“ дознава дека пораката ја испратил еден од наводните водачи на криминалниот клан Кавач, Радоје Звицер. Наводно, пораката пристигнала откако Абазовиќ одговорил дека нема причина да се гледа со членови на организирани криминални групи, бидејќи тие немаат меѓусебни допирни точки.

 Со СПЦ уште за три елементи

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со потпишувањето на Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ), Кривокапиќ потврди дека може да гарантира дека неговата влада, почитувајќи го Уставот, законот и канонското право, ќе го постигне договорот на задоволство на сите православни граѓани, епархии и Митрополијата.

„Ќе биде тоа наш придонес да не создадеме дополнителни тензии, за да осигуриме дека православните верници имаат ист статус во однос на другите верски институции. Мислам, пред сè, на Светата Столица со која беше потпишан Темелен договор, како и со Исламската заедница Ако со нив не е проблем, зошто би бил проблем овој договор, кој нема да брои повеќе од 15 члена и ќе даде една преамбула што јасно укажува на статусот на православните градби во Црна Гора“, оцени Кривокапиќ.

Тој додаде дека остануваат да се усогласат три елементи, од кои едниот е технички и очекува дека договорот ќе им биде познат на сите граѓани на средината или на крајот на мај. „Ние нема да сториме ништо што не е во согласност со Уставот и законот“, вели Кривокапиќ.

На прашањето дали договорот е од меѓународен или од национален карактер, односно дали ќе треба да го ратификува парламентот, тој одговори дека тоа е преиспитано и дека СПЦ не е меѓународна организација, па затоа е доволно договорот да го потпише Владата. Кривокапиќ наведе дека знае оти некои медиуми се обидуваат да прикажат некаков договор што стигнал до нив, но потврди дека не станува збор за договорот што се усогласува со СПЦ.

„Тоа е исто како во случајот со тестаментот на митрополитот. Бидете трпеливи. Најважно е да се потпише тој договор, а кој и како ќе го потпише е помалку важно. Во одредени ситуации, патријархот има право да овласти некого да потпише таков договор, а тоа се случи со потпишувањето на Темелниот договор со Хрватска. Што ќе се случи овде, да видиме, да не правиме претпоставки кои не мора да бидат точни“, рече Кривокапиќ.

„Задоволен сум од резултатите на Владата“

Одговарајќи на други новинарски прашања, Кривокапиќ оцени дека е задоволен од резултатите на Владата за изминатите пет месеци работа и дека тие биле колосални и имаат јасен репер, а тоа се резултатите што ги покажа претходната влада.

„Кога ќе ги погледнете овие факти, ќе видите дека за многу краток временски период, во услови што беа исклучително тешки, постигнавме натчовечки резултат“, рече Кривокапиќ, пофалувајќи ги сите министри, од кои, како што рече, најмалку петмина ги напуштија функциите на кои имаа четири-пет пати поголема плата и дојдоа да ѝ помогнат на Црна Гора.

На оваа средба, а во врска со некои физички напади врз новинарите, Кривокапиќ информираше дека ја замолил министерката за правда Тамара Срзентиќ да им определи на новинарите статус на службено лице што е можно поскоро.

„Секој напад врз новинари, без оглед дали станува збор за груб збор, е недопустлив. Ја замолив министерката да му определи на секој новинар статус на службено лице што е можно поскоро, мислам дека тоа може многу да промени. Но, ние мораме одвнатре да се промениме, а тој препород оди тешко“, рече Кривокапиќ.

Преземено од „Вијести“ од Подгорица

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот