И политичари меѓу кандидатите за судии на Уставниот суд

Фото: МИА

„Слободен печат“ дознава дека на списокот има 20-ина имиња, од кои најмалку 13 се со партиско портфолио. Според неофицијални информации, меѓу нив е и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Ивановска, која е поранешна пратеничка на СДСМ. Таа беше недостапна за да ја потврди информацијата.

Пратеничките групи во Собранието сѐ уште не постигнале договор околу кандидатите за избор на судии во Уставниот суд, поради што и Комисијата за избори и именувања ја одложи вчерашната седница на која прва точка на дневниот ред беше токму утврдувањето на предлогот на кандидатите. „Слободен печат“ дознава дека на списокот има 20-ина имиња, од кои најмалку 13 се со партиско портфолио. Според неофицијални информации, меѓу нив е и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Ивановска, која е поранешна пратеничка на СДСМ. Таа беше недостапна за да ја потврди информацијата.

„Слободен печат“ го контактираше претседателот на Комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов, но тој без да ги открива кандидатите, појасни дека според собранискиот Деловник, секој пратеник има можност да даде предлог, кој потоа ќе се разгледува на првата наредна собраниска седница.

За едно од испразнетите места во Уставниот суд заинтересирана е и Партијата за движење на Турците. Неодамна, претседателот на партијата Енес Ибрахим за „Утрински брифинг“ рече дека загрижува фактот што од 500 судии во државата, само шест се припадници од турската заедница.

– Во тек се разговорите, но сметам дека не е времето уставни судии да стануваат луѓе што се надвор од судскиот систем. Ние имаме свој кандидат за уставен судија и тој доаѓа од правосудниот систем. Време е да им се даде можност на непартиски кандидати. Нашиот предлог е непартиска личност, предложен во консултација со  правници но и со невладиниот сектор од турската заедница – изјави Енес Ибрахим.

Според универзитетскиот професор и уставен судија Осман Кадриу, за една личност да стане уставен судија, треба да исполнува два критериума што произлегуваат од Уставот. 

– Првиот услов е кандидатот да биде истакнат правник во државата, што пак значи дека на зборовите истакнат правник не треба да се гледа како на обични лексички зборови, туку како на правна институција. И вториот услов е личноста да ужива углед, односно да поседува морални вредности и квалитети, да не го бие глас за ниту една коруптивна зделка. Кандидатот за уставен судија треба да биде чесен и морален. Доколку ги исполни овие два услови, сметам дека избраниот кандидат за судија ќе биде успешен судија и со тоа ќе даде придонес во остварување на функцијата на Уставниот суд. Угледот на судовите зависи од самите судии, кои не треба да подлегнуваат под влијание ниту на законодавна, ниту на извршна власт – вели Османи.

Уставниот суд брои девет судии. Од нив петмина предлага Собранието, двајца претседателот на државата и двајца Судскиот совет. Сите судии се избираат на пленарна седница со апсолутно мнозинство, што значи дека од вкупниот број пратеници, треба да гласаат 61 пратеник. Во моментов, Уставниот суд работи без тројца судии, односно на судиите Сали Мурат, Никола Иваноски и Елена Гошева им заврши мандатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот