И покрај епидемијата на коронавирусот, Алжирците сѐ уште протестираат за промена на системот

Алжир / Фото: RYAD KRAMDI / AFP / Profimedia

Алжирската полиција го растурила протестниот собир на движењето Хирак и привела околу 20 демонстранти, пренесе агенцијата „Франс прес“.

Околу 200 лица денес се собрале во центарот на главниот град, иако протестите против власта вообичаено се одржуваат во петок. Вчера е одржан 56-тиот протест против власта, а на тој собир имало неколку илјади луѓе кои излегле на улиците и покрај пандемијата на коронавирусот.

Насобраните луѓе денес скандирале „Генерали во ѓубре“, „Алжир ќе добие независност“ и „Власта е убиец“, а полицијата брзо интервенирала, го растерала собирот и ги привела демонстрантите.

Алжирските власти во вторникот соопштија дека се откажуваат сите спортски, културни и политички собири за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Алжирците на 22 февруари 2019 година излегоа на улиците ширум земјата, незадоволни од тогашниот претседател Абделазиз Бутефлика и неговата одлука по петти пат да се кандидира на претседателските избори.

По шест недели од појавата на протестното движење наречено Хирак, Генералштабот на алжирската војска побара оставка од претседателот, а Бутефлика истата ја даде на 2 април.

Меѓутоа Хирак, кој бара промена на системот, не успеа да спречи организирање на претседателски избори во декември на кои победи Абделмаџид Тебун, некогаш близок соработник на претходниот претседател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот