И по пет месеци Апелација не го добила „Рекет“ од Кривичен – пресудите за Боки 13 и Јанева остануваат неправосилни

Предметот за случајот „Рекет“, во кој прогласени за виновни беа Бојан Јовановски и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, се уште не е доставен во Апелативниот суд, потврдуваат оттаму за Слободен печат.

– Предметот за раздвоената постапка во „Рекет“ за Јовановски и Јанева, како и пресудите, ги немаме. Очекуваме да ни ги испрати Кривичниот суд, информираат од второстепениот суд.

Од Кривичниот суд, пак, велат дека предметот писмено се доработува, по што ќе биде испратен до сите странки.

– Би требало до крајот на неделава да го финализираме процесот, додаваат од Кривичен.

Дури откако Апелација ќе го разгледа предметот и ќе постапува по жалбите, би можела да се очекува правосилност на пресудите или пак во спротивно, враќање на случајот на повторно судење.

По изрекувањето на пресудите, обвинителката Вилма Русковска најави жалба поради висината на казните, односно очекувала седум до осум години затвор за Катица Јанева и повеќе од десет за Бојан Јовановски. Одбраната исто така не е задоволна, ниту од казните, ниту од самата пресуда, бидејќи, како што велат адвокатите, Обвинителството за гонење организиран криминал не успеало да го поткрепи кривичното дело со докази.

Во меѓувреме, во домашен притвор во родната куќа во Гевгелија е Катица Јанева, која беше осудена на седум години затвор. Сега веќе во домашен притвор е и Бојан Јовановски, кому Апелација пред три недели му го уважи барањето, поради влошената здравствена состојба тој да не се врати во затворот во Шуто Оризари, каде помина петнаесет месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот