И по 27 години од атентатот врз Киро Глигоров, останува мистерија кој бил нарачателот

3 октомври 1995, денот кога се случи атентатот врз првиот Претседател на Република Македонија, Киро Глигоров / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Пред 27 години на 3 октомври беше извршен атентат врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, кој го преживеа со тешки повреди во главата.

На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Останува непознато кој стоел зад атентатот. Истражната постапка која се води против непознат сторител се уште е отворена. Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран и оти само среќна околност е што претседателот Глигоров го преживеа атентатот.

Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9.50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието.

Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.

Професорката Фросина Ременски во своја Фејсбук објава на оваа тема се потетува на денешниот ден наведувајќи дека Глигоров бил државник како Македонија досега немала.

– Како денес се сеќавам на мојата пешачка маршута која почнуваше низ Водњанска, преку Поштата (сега Рамстор), пред хотел Бристол, преку плоштад, Камени мост, Стара чаршија и комплексот на УКИМ … Само што седнавме во клупите на првиот академски час, во 09:53 минути страотна експлозија не вознемири сите. Следуваше веста за атентат на претседателот. Ја преживеа голготата на политички подместувања, непрофесионализам, добрососедско душегрижништво, агентурни структури кои роварат и транзитираат до денес, политичко лицемерие, но остана да сведочи за жилавоста со која докажа дека, западниот стратешки правец за државата оди заедно со лидерството и политичката мудрост! Почит и поклон претседател – напиша Ременски.

Инаку, во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот