И новиот премиер не ја укинува црната традиција: Тројца Јапонци завршија на бесилка

Осудените на смрт со години во самица чекаат да бидат погубени/Фото: EPA/EVERETT KENNEDY BROWN

Ни новиот премиер на Јапонија не се дрзна да го укине бесењето осуденици на смрт, наспроти повеќедецениските глобални критики и притисоци врз Токио да се откаже од смртните пресуди и егзекуциите.

По ниту едно погубување во Јапонија во период од две години, вчера на бесилка завршија 65-годишниот Јасутака Фуџиширо, осуден поради убиство на седуммина свои роднини во 2004 година, како и Томоаки Таканеѕава (54) и Мицунори Оногава (44), осудени на смрт поради убиство на двајца службеници во клуб за пачинко во 2003 година. Ова се првите егзекуции во Јапонија по 26 декември 2019 година, кога беа погубени три лица. Во 2018 година на бесилка завршија дури 15 лица, вклучувајќи и 13 члена на апокалиптичниот култ Аум шинри кјо, осудени поради нападот со сарин во токиското метро во 1995 година.

Новиот премиер Фумио Кушида, како и огромното мнозинство политичари пред него, ги поддржува изрекувањата смртни казни и нивно спроведување. Смртната казна има огромна поддршка и од граѓаните.

– Поради тоа што постојано има ужасни злосторства, неопходно е да бидат егзекутирани оние со екстремно тешка вина и не е прикладно да се укине смртната казна – изјави заменик-шефот на владиниот кабинет, Сеиџи Кихара.

Токио трпи критики и поради крајно нехуманиот однос кон лицата осудени на смрт – тие со години се затворени во самици, а за спроведувањето на егзекуцијата ги известуваат само неколку часа пред да се појават пред бесилката. Во ќелиите низ Јапонија денес има стотина лица осудени на смрт. Двајца од нив во ноември поднесоа тужба до владата поради нехуманата практика да не бидат информирани за егзекуцијата до последниот час пред да бидат погубени и побараа отштета од по 22 милиони јени (речиси 200.000 долари).

Критичарите укажуваат и на можноста да бидат погубени луѓе што без вина биле осудени на смрт. Тие потсетуваат на случајот на Ивао Хакамада, кој бил осуден на смрт во 1968 година и чекал 45 години да му биде извршена казната и не дочекал. Во 2014 година, кога веќе бил 85-годишник со слабо здравје, бил пуштен на слобода бидејќи конечно било докажано дека при брутално полициско сослушување на поранешниот боксер му било изнудено признавањето на вина за убиство на директор, неговата сопруга и двете деца. Бранителите на Хакамада докажале дека при неговото судење биле подметнати докази за да биде прогласен за виновен.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот