И новата верзија на обвинението на Тачи не го амнестира од одговорноста за воени злосторства на Косово

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Специјалниот суд за злосторства на поранешни припадници на ОВК во Хаг објави редактирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против четворица поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пренесува БИРН.

ССК (чие полно име е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово) објави редактирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни припадници на ОВК за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната 1998-1999. години.

Според документот, кој има повеќе од 200 страници, одлуката за потврдување на обвинението е донесена на 16 октомври од страна на судијата за претходна постапка, Николас Гију.

Тачи поднесе оставка на функцијата претседател на почетокот на ноември. Тој се изјасни дека не е виновен по сите точки на обвинението, а исто се изјаснија и Кадри Весели, лидер на опозициската Демократска партија на Косово и уште двајца поранешни членови на ОВК, сегашните политичари Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.

Специјален суд за Косово во Хаг: Тачи и уште тројца членови на ОВК треба да останат во притвор

Во обвинението се наведува дека тие биле дел од „здружен злосторничко потфат”, одговорен за воени злосторства и злосторствата против човештвото извршени најмалку од март 1998 година до септември 1999 година и дека тие биле одговорни за близу 100 убиства.

Целта, според обвинението, била да се преземе контролата врз Косово, користејќи средства што вклучуваат „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметаат за противници”.

Како високи припадници на ОВК, тие ја имале „одговорноста на претпоставени”, се додава во обвинението.

Во обвинението се наведува дека доказниот материјал покажува дека насилства и малтретирање се случиле на повеќе од 30 локации, од кои некои вклучија неколку притвори, во најмалку 16 косовски општини и во два града во северна Албанија.

Актите на насилство и малтретирање биле организирани според утврден образец, а обвинетите лично, со изјави и публикации, постојано повикувале на насилство против противниците, што, како што се наведува во одлука, укажува на „насилство оркестрирано од врвот”.

„Голем број и разни категории на луѓе покажуваат дека нападот бил насочен кон значителен сегмент од цивилното население на Косово”, заклучи судијата во одлуката што беше објавена со редактирани делови и има 236 страници.

Главниот обвинител Џек Смит првото предлог обвинение го поднесе на 24 април, а второто, ревидирано, на 24 јули. Судијата Гију од т.н. Специјален суд за злосторства на поранешни припадници на ОВК во Хаг го потврди обвинението на 26 октомври.

На Тачи му се заканува доживотна казна затвор

Во средината на ноември, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) објави документи во кои се наведува дека Тачи и другите се обиделе да влијаат на потенцијалните сведоци дури и пред да бидат потврдени нивните обвиненија претходно овој месец.

На крајот на ноември, СОК испрати барање до судијата на претходна постапка да не го одложува почетокот на судењето за 2022 година, како што побара одбраната за време на статусната конференција на 18 ноември.

Во Хаг се и водачите на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај, кои беа уапсени на крајот на септември од страна на ССК со асистенција на полицијата на ЕУЛЕКС, поради наводно попречување на правдата. Тие ја чекаат одлуката на судијата по барањето за потврдување на нивното обвинение. Според зборовите на адвокатот на Здружението, Томе Гаши, ССК веќе поднесе обвинение против Гуцати и Харадинај, посочува БИРН.

Тачи му се предаде на судот на 5 ноември во Косово, заедно со Весели и Селими, а истата вечер беше ставен во притвор во Шевенинген.

Специјален суд во Хаг: Забрана за посети на Тачи и на припадниците на ОВК

Специјалниот суд е „хибридна” институција – тој е дел од косовскиот судски систем, но е со седиште во Холандија и вработува меѓународен персонал. Лоциран е во странство поради неуспехот поранешните припадници на ОВК да бидат процесирани во Косово, но и за да се спречат проблеми со заплашување на сведоците.

Косовските пратеници гласаа за формирање на Специјалниот суд во 2015 година, под силен притисок на САД и на ЕУ. Најголемите политички партии во Косово, според наодите на БИРН, не го поддржуваат барањето на ветераните на ОВК за укинување на судот, дури и ако се согласни дека судот е пристрасен.

Идејата за формирање на „хибриден” суд, како дел од косовскиот судски систем, но со седиште во Холандија, во обид да се обезбеди негова независност и да се заштитат сведоците, дојде по објавувањето на извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата наводно извршени од припадниците на ОВК, во 2010 година. Во извештајот на Марти се наведува дека Тачи, кој, за време на војната, беше политички водач на ОВК, бил вклучен во криминални активности, што Тачи категорично го негираше. За наводите од извештајот, од 2012 до 2014 година, беше спроведена истрага, која ја водеше Специјален работен тим на Европската унија, кој заклучи дека има доволно докази за гонење на кривични дела, како што се убиство, киднапирање, незаконско притворање и сексуално насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот