И натаму без капка одговорност за загубената вода

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Јавните претпријатија, заедно со власта, дозволуваат голема количина вода да оди во неповрат. Од друга страна, во Македонија, особено во летниот период, има многу населени места што немаат ни капка во чешмите, огромни земјоделски површини немаат системи за наводнување…

Премногу поразително звучи изјавата на претседателот на регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски дека на национално ниво загубата на водата е 70 проценти. Изјавата беше речиси неверојатна, па мојот колега Александар Чомовски, додека го правеше интервјуто за „Утрински брифинг“ потпраша – на каква загуба мисли Бислимоски? Одговорот беше дека не станува збор за тоа дека никој ја краде водата, туку дека едноставно, поради лошите инсталации, таа физички се губи во системот. Страшно!

Еднаш имав можност во едно село да видам како изгледа физички да се губи вода во системот. Едноставно, од водоводната цевка излегуваше постојано по некоја капка вода. Околу тоа место имаше мала водена површина како жабурник. Не знам дали според физичките закони валканата вода може да се враќа во цевката, но знам дека во селото кое е благословено со една од најубавите изворски води, која е спроведена и во куќите, многу често може да се добие дијареја.

Така, загубата на вода освен што е економска катастрофа, таа станува и здравствен проблем. Но, поразувачко е што оваа информација всушност и не е нова. Напротив, проблемот со огромната загуба на вода е многу стар. Што значи, се менувале влади, дури и се добивале европски пари за да се направи нешто, по нешто некогаш и се правело, но епилогот е црна константа низ времето, која ќе крене прашина кога некој јавно ќе потсети на неа и – повторно ништо.

Бислимоски го впери прстот во јавните претпријатија – тие не управуваат добро со водоводната мрежа. Не е ни за изненадување. Јавните претпријатија се најголеми загубари, најголеми даночни должници, најголеми вдомувачи на партиски кадри (чест на исклучоците, ако ги има). Од друга страна, во јавните претпријатија имало членови на управни одбори што земаат плата поголема од претседателот на државата. Значи, повеќе од 1.500 евра. Така кажа премиерот Димитар Ковачевски.

Ова е голем срам за државата. Јавните претпријатија се нејзиното огледало. Од една страна, дозволуваат толку вода да оди во неповрат, а од друга во Македонија, особено во летниот период, има многу населени места што немаат ни капка во чешмите. Неретко во медиумите може да се видат наслови дека населбите се опколени со вода, а таа никако да стигне до нивните жители.

Губењето вода во државава е недозволиво. Тоа е навреда на природата, во време додека милиони луѓе страдаат за вода. Тоа е прашање што итно треба да се стави на дневен ред. Поитно од предвремените избори со кои со децении нè замајуваат, без решенија за суштинските проблеми. А ако водата не е најсуштествен проблем, не знам што е, а тој допрва ќе ги покажува своите многубројни лица. Според предупредувањата на меѓународните експерти за климатски промени, на Македонија лошо ѝ се пишува. Ние сме, и ќе бидеме, подложни на најголемиот удар од тие промени. Агроекономистите одамна предупредуваат дека без системи за наводнување на земјоделските површини, ние нема да опстоиме. Пандемијата и руско-украинската војна покажаа што значи зависност од храна.

Проблем е и заштитата на најголемите извори на вода за пиење и за другите потреби на населението. Тоа е нешто најстрашно што може да се замисли. Изворот Рашче снабдува повеќе од 90 отсто од Скопскиот регион, експертите велат дека таа е извонредно квалитетна за пиење, но дека е под закана од загадување од индустриската депонија Југохром. Скопското јавно претпријатие „Водовод“ редовно објавува анализи за квалитетот на водата за пиење и досега немало лоши резултати. Но, доволно е страшно да се помисли дека Рашче е под закана.

Секоја загубена капка вода, неискористениот потенцијал за наводнување и најстрашното – загрозената безбедност на водата за пиење – е стопроцентен срам на секој што бил на каква било функција во изминативе децении, а кој на директен или на индиректен начин бил задолжен за водата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот