И на кучињата им треба засолниште од студот

Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Ниските температури можат да бидат сериозна закана за здравјето и безбедноста на кучињата кои живеат на улица . Токму во обид да се згрижат овие кучиња, надлежните од ЈП „Лајка“ апелираат до граѓаните, доколку забележат бездомно куче на кое му треба згрижување да пријават на некој од нивните дежурни телефони.

– Секоја зима сме сведоци на кучиња кои се измрзнати, прегладнети, во болки и грч од студот. Појавата на хипотермија кај кучиња исто така е честа појава во зимскиот период, како последица на долгочасовна изложеност на ниски температури. Ги замолуваме сите граѓани да пријават бездомно куче на кое му треба згрижување на нашите телефонски броеви 02 2575 765 и на бројот 070 327828 – велат од ЈП „Лајка“.

Од ова јавно претпријатие, меѓу другото, апелираат и до сите оние што имаат маалски миленици да им направат привремено засолниште.

– Отворете ги вратите од влезовите на вашиот дом, поставете топла подлога за спиење, картон, ќебенце, стара облека и оставете им сад со храна и вода. Бездомните кучиња не секогаш можат да го поднесат силниот студ, а ние ги приспособивме нашите капацитети за нивните потреби. Да им помогнеме сите заедно – апелираат од ова јавно претпријатие.

Хумани граѓани досега имаат вдомено околу 30 кучиња, а за шеесетина, кои ги поминале сите здравствени анализи во ЈП „Лајка“, интензивно се бара дом, велат од претпријатието од каде што потсетуваат и дека, од почетокот на нивното работење, па сѐ до денес, околу 170 кучиња заловени од скопските јавни површини поминале низ т.н. хуман третман на животните.

– Бројката на заловени кучиња постојано варира бидејќи стручни сертифицирани тимови на заловувачи на ЈП „Лајка“ активно постапуваат по поднесените пријави и жалби на граѓаните. Сите згрижените кучиња во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ подлежат на хуман третман, кој вклучува: крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија по единствена акредитирана метода (кој е задолжителен според годишната наредба на Агенцијата за храна и ветеринарство), терапија против внатрешни и надворешни паразити, вакцинација против заразни болести и беснило, кастрација/стерилизација, микрочипирање и обележување со ушна маркичка – ја објаснуваат постапката за третирање на заловените животни од ова јавно претпријатие.

Секој граѓанин кој сака да има куче, тоа може да го направи со згрижување на едно или повеќе животни што се заловени од вработените во ЈП „Лајка“, а претходно живееле на улица.

Но, според надлежните, иако нивна цел е секое куче кое во моментов е на улица да си најде свој дом, сепак, потенцијалниот згрижувач на куче најпрво треба да пополни прашалник за вдомување, по што ќе разговара со стручно лице вработено во прифатилиштето за да се процени дали и колку вдомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик.

– Доколку се покаже дека вдомувачот е соодветен, тој ќе оствари контакт со животното кое сака да го вдоми минимум двапати, да го посети прифатилиштето и да помине време со истото. Назначени вработени од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ ќе имаат обврска да го посетат вдомувачот со цел да се утврди дали го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните – децидни се од ЈП „Лајка.

Во моментов на територија на Скопје, според процената што ја правеше ЈП „Лајка“ во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје и со поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство има 1970 бездомни кучиња.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот