24.8 C
Скопје

И манипулациите со мазутот ги поминаа границите

Народот може да аплицира за субвенционирање уреди за течен гас, метан и друг вид алтернативно гориво за возилата – за да не ја загадува околината. Истата онаа околина што стана жртва на лажниот мазут на институциите.

Се растрчаа институциите да испитуваат кој што увезувал, каков нафтен дериват поминал низ царина, кој и каде го контролирал, кој земал мостри, кој која лабораторија ја користел или не ја користел… Епилогот стигна во форма на изјава на министерот за економија Крешник Бектеши: вратени се три цистерни мазут, ама не е чесно да се кажат имињата на фирмите за да не им се наруши угледот!? По таа првична изјава, сепак министерот се поправи, па вети дека ќе бидат објавени (минатиот вторник) резултатите од сите анализи сосе имињата на оние компании чиј дериват потфрлил на тестирањето. Откако тоа не се случи, зашто „станува збор за обемна работа“, во понеделникот министерот пак најави дека во вторник (вчера) или најдоцна до денеска, јавно ќе бидат соопштени резултатите од анализите.

Додека ги пишувам овие редови, не знам дали министерот Бектеши ќе си го одржи ветувањето, но во меѓувреме компаниите сами почнаа да се издаваат, при што имаше и тешки обвинувања за нечесни игри. Сепак, најнечесната игра беше онаа кон народот – народот, што го плаќа и што го дише токму тој мазут.

А колку години се протнувале цистерни низ границата, колку години некој успевал да увезе неквалитетен, па дури и лажен мазут, тоа тешко дека ќе се открие. Новинарите уште мината година во емисијата „Код“ информираа за цистерни од кои биле земени мостри во Хрватска, а анализите покажале лажен мазут адресиран за Скопје. Неодамна, Истражувачката репортерска лабораторија почна циклус документарни емисии „Заговор против воздухот“ и во првата откри дека токсични масла опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз во Македонија влегувале како мазут, се користеле како гориво за греење во повеќе приватни компании во земјава. Ама и во државни институции!?

И така, наместо надлежните да откриваат што поминува низ граница, со каков квалитет се дериватите и што испуштаат оџаците на институциите и фабриките – тоа го откриваат новинарите и со силен притисок ги принудуваат тие на кои тоа им е работа „нешто да гукнат“, ако не овој, во следниот вторник.

Една стара поговорка вели – со сила, убавина не бива. Така и во овој случај, не може со сила да ги натераш институциите (читај: функционерите во нив) да си ја завршат својата работа. Сега, и да дадат отчет за анализите, тоа не е доволно, нешто од корен треба да се смени. Еве, за почеток – зошто Владата јавно не се изјасни за предлогот на Регулаторната комисија за енергетика, поточно на нејзиниот претседател Марко Бислимоски, нафтените деривати да доаѓаат директно во акцизен склад и таму да се извршат проверките од страна на Пазарниот инспекторат и на Царинската управа. Значи, пред да бидат пуштени во промет, а со цел да нема никакви манипулации. Исто така, сите откриени случаи со „лажен мазут“ мора да имаат судска разрешница. Од Јавното обвинителство, во изјава за „Слободен печат“ рекоа дека ги следат сите информации поврзани со увозот на мазутот и дека постапуваат и ќе постапуваат во сите случаи каде постои сомнение дека е сторено кривично дело, односно каде што ќе утврди постоење на елементи на сторени кривични дела.

Народот чека да чуе што покажуваат истрагите. А во меѓувреме, може и да аплицира за субвенционирање уреди за течен гас, метан и друг вид алтернативно гориво за возилата – за да не ја загадува околината. Истата онаа околина што стана жртва на лажниот мазут.

Поврзани вести

Инфлацијата го јаде растот на платите

Ќе се градат нови и ќе се реконструираат старите патеки на Водно и на Матка

Елена Вељановска

ВИДЕО: Групата „Ван Гог“ прослави 35 години со нов спот за песната „Какво дивно вече“

Слободен печат

Дали вакцинираните со „Спутник“ ќе добијат трета доза?

Уценувани спортисти и полицајци чии интимни средби во мотел биле тајно снимани

Слободен печат

Заев: Ќе одам во Софија повторно и повторно и повторно…

Андреја Ристески

Остави Коментар