И малите производители легално ќе продаваат од дома, АХВ со правилниците директно на терен

Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи со додадена вредност без да зависат од откупувачите. Но, притоа, мора да ги исполнуваат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми за производство и ставање во промет на храна.

Ова го предвидуваат двата правилника за директно снабдување што ги донесе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и кои од денеска ќе бидат промовирани директно меѓу производителите, на терен.

Во промоцијата, покрај инспекторите за храна и официјалните ветеринари, вклучени се и советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) од Битола.

-Целта на правилниците е малите производители на храна од животинско и од неживотинско потекло легално да се вклучат во системот за безбедност на храната и да ги продаваат своите производи. Покрај безбедност, со овие подзаконски акти се воспоставува и следливост на производите, а се олеснува и ставањето во промет на мали количини производи, без да се нарушува или доведува во прашање ниту безбедноста на храната, ниту здравјето на потрошувачите, рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

Според него, деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, консумните јајца, рибата, дивечот и други, како и на мали количини преработени примарни производи од неживотинско потекло и храна со традиционални карактеристики, претставуваат основа за развој на малите производители на храна, и поттик за развој на семејните бизниси и во недоволно развиените производствени региони во земјава, за зачувување на традиционалниот начин на производство на производи карактеристични за одредени региони.

-Подзаконските акти носат и новини. Прв пат е регулирано колењето на животните директно на фарма за што производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, се регулира и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, а отворена е и можноста за легална продажба на млекото од малите фарми преку млекомати. Уреден е и пласманот на пазарот на мали количини производи како што се разни слатка, мармелади, преработки од зеленчук и традиционални прехранбени производи од неживотинско потекло, потенцира директорот.

Двата правилника АХВ ги подготви во соработка со невладиниот сектор, науката и државните институции непосредно вклучени во синџирот на храна.

-Апелираме до производителите кои ги исполнуваат критериумите од овие два подзаконски акти да се регистрираат како оператори за директно снабдување и да станат дел од системот за контрола на безбедноста на храната зошто тоа е нивна законска обврска. За оваа цел, потребно е да се обратат до подрачните единици на АХВ, за што совет за условите за регистрација можат да побараат и од инспекторите за храна и официјалните ветеринари и од советниците на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, дополни заменик-директорот на АПРЗ, Борче Петковски.

Според раководителот на Секторот за рурален развој во Министертвото за земјоделство, Трајан Димковски, производители преку овие правилници легално ќе имаат можност за преработка и доработка на своите производи. Ваквите, практично старт-апи или почетни бизниси на земјоделците, ќе бидат дополнително субвенционирани од државата со грант од 10.000 евра во опрема.

-И денес кај нас има производители што продаваат сирење или млеко директно на фарма, но кога зборуваме за такви производи сето тоа оди на црн пазар. Тоа е онаа сива економија во која се нема контрола. Не зборуваме дека таквиот производ не е безбеден, туку операторот со храна што ќе се регистрира  во системот на АХВ веќе подлежи на контроли и неговото производство се следи што, пак, дава сигурност дека потрошувачот купува безбедна храна. Но, многу е битно дека и земјоделецот тоа ќе може да го продава не само директно на купувачи кај него, туку и во локални ресторани, локални продавници. Тоа ќе му овозможи поголеми приходи што е и крајната идеја, подвлече Димковски.

Ваквото искуство, додаде, е веќе пракса во европските земји.

-Кога е овозможено да се продава легално „од праг”, односно од фарма, ќе има објекти кои ќе се прилагодат и туристички, ќе нудат сервис за храна преку понуда токму на оваа локална храна, од малите производители, рече Димковски.

На интернет страницата на АХВ е објавен Водич за потребните услови за почнување со работа на примарни производители и објекти од мал обем на производство кои ставаат во промет храна од животинско потекло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот