И Македонија против Хандке: Македонскиот амбасадор во Шведска нема да учествува на церемонијата во Стокхолм

Фото: Принтскрин

По објавата на шефот на македонската дипломатија на Твитер, Никола Димитров, стана јасно дека Македонија им се приклучува на повеќето балкански земји кои одлучија  да го бојкотираат вечерашното доделување на Нобеловата награда за литература на австрискиот писател Петер Хандке, поради неговата поддршка на режимот на Милошевиќ.

„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“, порача денеска на Твитер  министерот Димитров.

Тој соопшти дека му дал инструкции на амбасадорот на Македонија во Шведска да не учествува на вечерашната церемонија во Стокхолм.

Претходно, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија најавија дека ќе ја бојкотираат церемонијата за Хандке поради неговите ставови кон војните на просторите на поранешна Југославија и поддршката која му ја даваше на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

За најголем грев на Хандке се смета негирањето на геноцидот во Босна и Херцеговина, но и на другите злосторства кои се случија во текот на војните.

Шведскиот крал Карл Густаф 16 вечерва ќе му ја предаде наградата на 77 годишниот лауреат на гала банкет на кој ќе присуствуваат 1.200 гости.

Нобеловата академија го нарече Хандке „еден од највлијателните писатели во Европа по крајот на Втората светска војна“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот