И мајки и татковци ќе чуваат деца и тоа ќе им биде платено од државата

семејство бебе новороденче пар
Фото: EPA-EFE / Ѓорѓи Личовски

Сѐ уште се прават проекции, колку дополнителните четири и пол месеци породилно, ќе го оптоварат Фондот за здравство, но министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска, уверува дека тој е стабилен и ќе има доволно средства за исплата на надоместокот

Тринаесет и пол месечното породилно отсуство, кое е една од можностите во новиот Закон за работни односи ќе биде стопроцентно покриено од Фондот за здравство. Се уште се прават проекции, колку дополнителните четири и пол месеци ќе го оптоварат Фондот, но министерката за труд и социјала, Јована Тренчевска, уверува дека тој е стабилен и ќе има доволно средства за исплата на надоместокот.

Според Директивата на ЕУ за хармонизирани семејни вредности и во новиот закон за кој почнаа јавните расправи, ќе има мајчинско, татковско и родителско отсуство, има дополнителна заштита на децата до двегодишна возраст. Иако нема некои поспецифични статистички, досега нема баш некоја голема заинтересираност татковците да бидат на породилно, но тоа можеби ќе се смени во блиска иднина, особено во градските средини, верува министерката.

-Буџетот на Фондот за здравствено осигурување е стабилен и ќе има доволно средства за надоместоците за проширеното породилно отсуство. Всушност, нам ни се намалуваат корисниците на породилното, што е во согласност со падот на наталитетот, но се зголемуваат уплатите на придонесите, поради зголемувањата на платите – објасни Тренчевска.

Појаснувајќи дека јавните расправи за новиот Закон за работни односи, треба да завршат до средината на февруари, министерката рече дека темата се работи веќе 4 години сега „пливаат во помирни води“. Усогласено е едно од најгорливите прашања за  времетраењето на договорите на определено време.

– Се најдовме некаде на средина. Работодавачите сакаа да остане рокот од 5, Синдикатите беа тој да се намали на 1 година и заедничкото решение е  договорите на определено време да траат 2 години, со вветната заштитна клаузула за работниците – работодавачите да не може да ги продолжуваат овие договори со анекси за повеќе од 3 пати – поентираше Тренчевска.

Исто, конечно се земени предвид укажувањата на работниците дека ниските казни не вродуваат со плод кај работодавачите, туку напротив, па затоа сега ќе има посебни глоби и одредби за потешки кршења на правата на работниците, како што се паричните побарувања и придонеси од социјално осигурување на работниците.

– Имаме над 80 илјади правни лица па речиси е невозможно трудовите инспектори да влезат секаде, но ако работникот поднесе претставка до ДИТ, нема шанси инспекцијата да не постапи по неа – додаде Тренчевска.

Новиот закон за плати во јавниот сектор не е противуставен

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска смета дека Предлог-законот за систем на плати во јавниот сектор не е противуставен, бидејќи целта е воспоставување ред во платите во секторот.

– Сега имаме различни плати за иста работа во различни институции. Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може од таа плата да се оди погоре, а согласно највисоката плата надолу за останатите работни места согласно сложеноста на работа да им се пресмета платата. Да ставиме еднаш засекогаш ред во јавниот сектор, не може директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од претседателот на држава или, пак, директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од министерот кој му е надлежен во таа област, изјави министерката Тренчевска.

Според неа, добро е сите синдикати, работодавачи и работниците во јавниот сектор да дадат свои коментари.

– Краен резултат е унапредување на правата на вработените во јавниот сектор, рече Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот