И Ливерпул како и Охрид ќе ја загуби заштитата од УНЕСКО, Австралија не сака закрила за Големиот корален гребен

Предупредувања од УНЕСКО не добива само Охрид, туку и поголеми градови и држави се на удар на глобалниот чувар на светското природно и културно наследство.

Во јули на Конференцијата на УНЕСКО на тапет покрај статусот на заштитеното охридско крајбрежје ќе се најде и пристаништето во Ливерпул, каде властите планираат да градат облакодери, а австралиските власти ќе треба да докажуваат зошто не сакаат нивната подводна атракција – масивниот корален гребен да се најде на листата на загрозено природно наследство.

УНЕСКО минатиот месец предупреди дека зголемената урбанизација и развојот на инфраструктурата долж охридското крајбрежјето се меша со природните ресурси, предизвикува поголема потрошувачка на вода и дрва, зголемено загадување од нетретирана отпадна вода, цврст отпад и фрагментација, и уништување на природните живеалишта. Поради дивоградбите долж брегот на Охридското езеро Бисерот балкански ќе се вброи меѓу загрозеното културно наследство, откако по низа предупредувања и до македонските и до албанските власти не се реши градежниот хаос кој со години владее во овој регион.

Случајот со Ливерпул

Доковите на Ливерпул се под заштита на УНЕСКО од 2004 година/ Фото: EPA/ANITA MARIC UK & IRELAND OUT

УНЕСКО препорача доковите во Ливерпул да се избришат од листата на светското културно наследство откако градот го игнорираше нивниот совет таму да не градат облакодери, пишува Гардијан.

Наредниот месец на 44-тата годишна конференција на Организацијата за културно и природно наследство на Обединетите Нации ќе одлучи дали пристаништето на Ливерпул ќе го симне од листата на историско културно наследство, статус кој УНЕСКО им го додели во 2004 година.

Ливерпул/ Фото: EPA/ANITA MARIC UK & IRELAND OUT

Со години наназад локалните власти во англискиот град се предупредувани дека мора да го спречат градењето на облакодери на легендарните докови на Ливерпул, а УНЕСКО се посебно револтирани од фактот што градскиот совет не ги консултирал при носењето на планот за управување со водите вреден 5 милијарди фунти.

Локалните власти во Ливерпул се судирија со Организацијата околу потребата за балансирање на економскиот развој на градот со зачувување на историскиот изглед на доковите, откако во 2012 година, крајбрежјето беше означено како „во ризик“.

Ливерпул на 9 јануари 2008 е прогласен за Европска престолнина на културата за 2008 година/ Фото: EPA/ANITA MARIC UK & IRELAND OUT

УНЕСКО упати и порака до Велика Британија дека како земја немала законски методи ниту локално ниту национално да го запре развојот на проекти со цел да го зачува статусот на светско наследство. Мал напредок е направен со реставрација на северниот дел од доковите, но според УНЕСКО тоа не е доволно, со оглед дека целината е под нивна заштита и со статус на светско културно наследство.

Централната власт и покрај ова предупредување изјави дека „Велика Британија како светски лидер во заштитата на културното наследство, е длабоко разочарана од препораката на УНЕСКО“, но ќе продолжи да соработува со нив.

Градоначалничката на Ливерпул Џоан Андерсон најави дека ако во јули го загубат статусот ќе побараат ревизија на случајот во наредите 12 месеци.

УНЕСКО нуди, Австралија не сака заштита на Големиот корален гребен

На удар на УНЕСКО се најде и Австралија откако Организацијата препорача Големиот корален гребен да се стави на листата на „природно наследство во ризик“ и побара од властите да преземат „дејства на сите можни нивоа поради климатските промени“ и загрозувањето на ова природно богатство.

УНЕСКО на состанокот на Комитетот наредниот месец ќе побара Големиот корален гребен да се стави на листата за заштита и тоа би било за првпат природно светско наследство да се вброи на листата на загрозени поради импликациите од климатската криза, пишува Гардијан.

Глобалото затоплување поради согорувањето на фосилни горива предизвикува загревање на  океанот и води кон три масовни избелувања на гребенот долг 2,300 км откако последен пат во 2015 година е извршена проценка од Комитетот.

Австралиски нуркач го истражува Големиот корален гребен/ ФОто: (AAP Image/James Cook University) AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT EPA/James Cook University AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Локалитетите на светското наследство се глобални икони и на листите на „загрозени“ обично се препорачуваат после ефектите од вооружен конфликт и војна, загадување, ловокрадство и неконтролирана урбанизација.

Австралиските власти остро се противат на ваквата идеја на УНЕСКО и ја сметаат интервенцијата како „целосна субверзија на нормалниот процес“ и не сакаат Големиот корален гребен да се најде под заштита на Обединетите нации.

Властите се сомневаат дека Кина можеби игра важна улога во последната препорака со оглед на тоа што претседава со УНЕСКО и ќе биде домаќин на состанокот на 16 јули, кога овој предлот ќе биде ставен на маса.

Австралиската министерка за животна средина Сузан Леј вели дека климатските промени се најголема закана за Гребенот но УНЕСКО не е местото каде треба да се расправа за тоа.

„Оваа одлука јасно покажува дека има политика зад неа, и дека ќе го наруши соодветниот процес. УНЕСКО идентификуваше над 80 загрозени локалитети поради климатските промени и наместо да ги стави сите на листата на „загрозени“, го издвои само Гребенот. Кога не се следат процедурите и кога процесот ќе се испреврти и ќе го добиеме ова во последен момент – тогаш ова е политика“, рече Леј.

Дел од Големиот корален гребен кај Квинсленд, Викторија/ Фото: EPA/DAN PELED AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Според извештајот на УНЕСКО, и покрај напорите на локалната и федералната власт во Австралија, клучните цели за подобрување на квалитетот на водите не се постигнати како и со мерките за управување со земјиштето.

„Ваквата одлука испраќа блед сигнал до оние нации кои не инвестираат во заштита на гребенот како што ние тоа го правиме“, децидна е Леј.

Ова е вторпат гребенот да се соочи со закана да стане загрозено светско природно наследство. Во 2015 година, владата успеа да излобира да не влезе на листата правејќи притисок врз комитетот составен од претставници од 21 земја.

Новите притисоци ја принудуваат Австралија да преземе поефектни дејства за намалување на емисијата на стакленички гасови.

Таргетираните емисии на стакленички гасови во Австралија не се променети од 2015 година и премиерот Скот Морисон се спротивстави на меѓународниот притисок да се донесе јасна цел – нула емисии до 2050 година.

Лидерот на Зелените, Адам Бант изјави дека владата мора да избере меѓу јагленот или Гребенот.

Протести во Австралија за забрана на употребата на јаглен и заштита на коралниот гребен/ Фото: EPA/NATHAN PAULL AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

-Не може да ги имате и двете, вели тој. Ако светот се загрее над 1,5 C (во споредба со прединдустриските нивоа), гребенот ќе умре. Единствена партија во Австралија со климатски цели во согласност со 1,5 С се Зелените “.

За власта извештајот на УНЕСКО е за жолт, за опозицијата – за црвен картон!

УНЕСКО повторно го вклучи црвениот аларм за Охрид: Светското наследство во опасност

Георгиески: Независно од одлуката на УНЕСКО, работиме на зачувување на статусот на Охридскиот Регион

 

Нуредини за статусот на Охрид од УНЕСКО: Не треба да дозволиме да се најдеме на листата на загрозено богатство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот