И короната тежи на тасот на правдата

Од седум судења дневно во Граѓанскиот суд, дневно има по едно барање за одлагање поради позитивен резултат на некоја од странките. Оваа изјава на судијката Емилија Шопар Јованова од Граѓанскиот суд најдобро ја илустрира моментната состојба во македонските судови.

Ковид-кризата значително влијае и врз ефикасноста на судството, па оттаму вчера во Граѓанскиот и Кривичниот суд во Скопје беа претставени протоколите за спроведување на мерките за заштита од ковид-19 во судовите. Нивната промоција ќе продолжи низ судовите во целата земја.

Услови за спроведување на судењата со физичко присуство во Основниот граѓански суд засега има, смета Шопар Јованова.

– Досега немало проблем. Судницата е доволно голема да присуствуваат и странките и јавноста – изјави таа.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, смета дека нема услови судовите да спроведат онлајн судења за време на пандемијата.

– Прво треба интервенција во процесните закони, но и да се создадат услови за да има онлајн судски процеси. Пречка се процесните закони, особено во кривичните постапки, неопходно е првин нивно прилагодување. Мислам дека и судовите не располагаат со техничка опрема за спроведување судења со употреба на интернет-технологијата – изјави Саити.

Тој дополни дека во вакви услови, преку онлајн судење, особено во кривичните предмети е многу тешко да се обезбеди веродостојност на постапката, имајќи ги предвид основните начела и на Законот за кривична постапка и Законот за парнична постапка.

И претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, смета дека процесните закони не дозволуваат онлајн судење, и ќе треба да се изврши некоја интервенција во законодавна смисла.

– Како идеја е одлична и соодветствува на овие времиња. Треба да се размисли во кој правец би можеле да се организираат, сигурно не за сите судења. Знаеме дека има еден куп одредби во Законот за кривична постапка кои го уредуваат прашањето за обезбедување присуство на обвинетите во една судска постапка, вклучително и мерката притвор – рече Џолев.

Според него, добро е да се размисли и да се измени нешто за да се овозможи онлајн судење, но не за сите судења можеби за прекршочни судења.

Џолев објасни дека и досега судот ги спроведувал превентивните мерки за заштита од коронавирусот – редовна дезинфекција на судниците и мерење температура при влез во судската зграда.

Што предвидува протоколот

Протоколот е донесен од Здружението на судии, има советодавен карактер и е со цел да им помогне на претседателите на судовите и другите вработени во судовите, на сите странки во судските постапки, а ќе се применува до крајот на пандемијата.

Според протоколот, задолжително е носење маски, дезинфицирање, дистанца од два метра, проветрување и дезинфекција на просториите во судовите… Не е дозволен влез во судската зграда за сите со телесна температура поголема од 37,2 степени.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот