И кога паркирањето е бесплатно, внимавајте каде го оставате возилото во Центар!

Фото: ПОЦ

Граѓаните што паркираат во центарот на градот на јавните паркиралишта и површини што се во надлежност на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ мора многу да внимаваат, па дури и доколку возилото го остават во време кога паркирањето е бесплатно, затоа што лесно може да се случи автомобилот да им го крене „пајак“. Искуството на еден млад скопјанец го потврдува токму тоа.

-Ја паркирав колата на улицата Елисие Поповски Марко пред зградата со број 37, минатата сабота околу 16 часот. Час подоцна „пајак“ на ПОЦ ми го кренал возилото, иако на оваа улица паркирањето е слободно од сабота од 15 часот, па до понеделник наутро, а паркирањето не е само за резиденти. Кога отидов да си го земам автомобилот и платив казна, ми беше речено дека возилото ми е подигнато по пријава на граѓанин – вели нашиот соговорник.

Тој објаснува дека возилото го паркирал на тротоарот пред зградата, притоа не попречувајќи ни влез ни излез во гаражата и револтирано прашува дали во период кога паркирањето е бесплатно, кој како сака може да пријави во ПОЦ и тие да го пратат „пајакот“.

-Јас разбирам дека од тоа „живее“ претпријатието, ама навистина ме интересира во кои услови се подига возило кое е паркирано на улица под надлежност на ПОЦ, во време кога не се наплатува паркирање и кога не станува збор за паркиралиште за резиденти? – реагира тој.

Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ велат дека и кога е бесплатно паркирањето, мора да се внимава каде се остава автомобилот.

-Граѓаните најчесто сметаат дека ако е поминато работното време на паркиралиштата, можат да паркираат секаде без разлика дали нивното возило е прописно или непрописно паркирано. Во конкретниот случај, иако паркирањето во тој момент било бесплатно, возилото на граѓанинот било непрописно паркирано на јавна сообраќајна површина тротоар и од таа причина било отстрането од „Пајак“ службата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ по издаден налог од овластено службено лице полицаец – објаснуваат од ПОЦ.

Оттаму додаваат дека според Правилникот за отстранување и преместување на непрописно запрени или паркирани возила, хаварисани возила и приколки и нивно чување, „Пајак“ службата врши отстранување или преместување на непрописно запрени или паркирани возила од јавните површини што се под надлежност на Општина Центар, поточно од улици, коловози, тротоари, пристапни, пешачки и велосипедски патеки, јавни паркиралишта, плоштади, шеталишта, отворени простори пред јавни и деловни објекти, подвозници, надвозници, скали и лифтови што поврзуваат (премостуваат) јавни сообраќајни површини, мостови и слични површини, но и од јавните зелени површини.

Подигањето на непрописно паркираните возила се врши по налог од сообраќајна полиција, а понекогаш и по барање на граѓани, но само ако се работи за резидентен паркинг.

-По исклучок, може да се изврши по барање на корисник на паркиралиштето доколку барателот за преместување или отстранување на возилото е корисник на резидентен паркинг простор под надлежност на претпријатието и возилото коешто треба да биде отстрането или преместено не е евидентирано под режимот на возила на резидентниот паркинг, односно нема валидна паркинг-карта – тврдат од ПОЦ.

Сепак, од претпријатието не одговараат зошто во конкретниот случај сепак возилото е кренато по пријава на граѓанин, од улица каде што паркирањето не е само за резиденти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот