И гробиштата на УЧК не се двојазични

Фото: Слободен печат

Вицепремиерот Бујар Османи се пофали на Фејсбук како во улога на инспектор, контролира во кои државни институции не се почитува Законот за употреба на јазици.

Навистина ме израдува ревносноста на Османи, иако тоа не му е во описот на работното место, што пронајде време да го провери спроведувањето на законот со кој се спроведува двојазичноста. Македонскиот и aлбанскиот јазик се рамноправни во институциите, а Османи е тука да провери дали администрацијата ги говори и двата јазика. Не е за џабе Бујар одговорен за ресорот Евроинтеграции, бидејќи само таков тип на политичар, на кого законот му е пред сè, може да нè внесе во семејството на европските народи.

Понесен од неговата посветеност решив да му помогнам. Се сетив дека летово бев на свадба во Кичево и традиционално направив пауза на Стража. Гнетејќи од мекиците забележав на таблата со која се означува патниот правец се избришани македонските називи за Кичево и Охрид, па патниците возат накај Керчова и Охер.

Неколку километри подолу застанав крај гробиштата на паднатите херои на УЧК, кои загинаа во конфликтот во 2001 година и интересно, на таблата со која е означено спомен местото, текстот е напишан само на албански. Си велам не дај боже, ќе помисли некој Македонци не се добредојдени тука. Немаше жив човек околу мене да прашам зошто нема превод на македонски на текстот на кој пишува – Уштриа Клиримтаре Комбетаре – пишуваше и уште нешто ама не го запомнив.

Не знам колку време има вицепремиерот, но доколку и натаму се чувствува мотивирано да го проверува спроведувањето на законите на терен, би можел да ја прошири дејноста и од јазичниот закон да се прешалта на законот за знамињата.

Еве јас сум жив сведок дека од излезот на Скопје, па се до општинската зграда на Кичево нема ниту едно македонско знаме по целиот пат. Знамиња на Република Албанија има повеќе од 100, па еве Османи може да нареди едно 50 на државата на која е вицепремиер.

Македонија, ќе се сложиме сите е прекрасна земја, но нејзините граѓани од секогаш се мачеле да ги почитуваат законите. Можеби токму Бујар Османи ќе ја промени оваа незгодна навика, па конечно и ќе ни тргне? Да му помогнеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот