И домашните производители мора да возат рикверц

Според последните статистички податоци, дури 65 проценти од вкупниот извоз на државата во јануари годинава биле направени од компании од автомобилската индустрија. Македонија има своја долгогодишна историја во производството на резервни делови за автомобилската индустрија уште од 1960 година, со снабдувањето на фабриката „Застава“ од Србија.

Во моментот нема сигнали дека поплавите во Германија ќе се рефлектираат и врз македонските производители на автоделови и електроника, вели за „Слободен печат“ Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство при СКМ.

Тој е позагрижен што азиските снабдувачки синџири, до крајот на оваа, но и во првата половина од 2022 година, нема да може да одговорат во целост на испораката на микропроцесорите што се вградуваат во автомобилите. Згора на тоа, од Тајланд и Малезија пристигнуваат уште полоши вести за брзото ширење на делта сојот, на што тамошните влади одговорија со тринеделно затворање на фабриките што произведуваат компоненти за електроника.

– Проблемот трае од 2020 година, кога сите производители на автомобили ги откажаа нарачките на овие електронски компоненти, а фабриките во Азија имаа зголемена побарувачка од производителите на телефони, лаптопи, видеоигри и конзоли, кои масовно се продаваа во пандемијата. Оваа индустрија сè уште не може да закрепне во целост за го зголеми производството, па поради ова повеќе светски производители на автомобили кренаа „рачна“. Се проценува дека овој недостиг ќе влијае врз автомобилската индустрија и годинава на светско ниво ќе се произведат 3,4 милиони автомобили помалку, а од нив 1,1 милиони во рамки на ЕУ, за кои работиме и ние – објаснува Мизо.

Во Македонија работат компании добавувачи на големите автомобилски брендови, пред сè за европскиот пазар. А, кризата и секој нареден застој нè принудува сериозно да пристапиме кон ревизија на долгорочните планови за производство, инвестициите и вработувањата, додава Мизо. Тој е дециден дека отпуштања нема да има, ама ќе забави темпото на нови вработувања во фабриките од автомобилскиот сектор.

– Алармантни се податоците од Тајланд и Малезија, каде што се наоѓаат најголемите производители на електрокомпоненти, дека во последните десет дена има и по 10.000 новозаразени од делта сојот, ги натераа тамошните влади да наредат тринеделно затворање на овие фабрики. Тоа дополнително ќе не забави и ќе влијае врз обемот на производството – предупредува Мизо. Според него и пред поплавите во Германија, таму беа ревидирани бројките за производство на нови возила од првично планираните 13 на само 3 отсто повеќе од лани, кога речиси и немаше производство.

Пред пандемијата, индустријата за автоделови во земјава беше во подем, а според податоците во 2019 година бил реализиран извоз во вредност од 130 милиони евра, што е пораст од 5,6 отсто во однос на 2018 година. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, дури 65 проценти од вкупниот извоз на државата во јануари годинава биле направени од компании од автомобилската индустрија. Најмногу делови се извезуваат во Романија, Германија, Унгарија, Словенија, Мексико и Бразил.  Најизвезувани се катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта.

Експертите велат дека стратешката позиција на земјава, лоцирана на крстосницата на двата главни европски транспортни коридори, ја прават една од најдобрите европски дестинации за развој на автомобилската индустрија. За потсетување, Македонија има своја долгогодишна историја во производството на резервни делови за автомобилската индустрија, која датира уште од 1960 година, со снабдувањето на фабриката „Застава“ од Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот