И да има турканица во продавница, нема закон што ќе го казни трговецот

Продавниците за време на пандемијата ковид-19/ Фото EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба престана да важи на 9 јануари. Оттогаш, практично редот и дисциплината во продавниците останаа без регулатива, а ова значи и без казни доколку се направи голема турканица во некоја продавница или, пак, не се запази редот при чекање на каса.

За среќа, ситуацијата на терен покажува дека луѓето сами избегнуваат да влезат во продавница ако забележат голема турканица и дека речиси секаде има поставено средства за дезинфекција на вратата. Но, освен во банките и во некои поголеми трговски синџири, редари ретко има.

Владата навреме зеде предвид дека на почетокот на годинава истекува важноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговија за време на вонредна состојба, а уште во ноември минатата година даде зелено светло на измените и дополнувања на Законот за трговија, со што го внесе протоколот за однесување за време на пандемија во закон. Но, иако предлог-законот по скратена постапка веќе подолго време стои во собранието, никако да дојде на дневен ред за гласање.

Со измените на Законот за трговија, сите одредби што беа во Уредбата треба да бидат и во Законот. Тоа значи дека трговците на мало за време на пандемијата се должни да воспостават ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите, да обезбедат редарска служба за да се запази минимум потребното растојание помеѓу купувачите, да обезбедат дезинфекција за раце при влез во објектот, да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот, како и да обезбедат заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените. Според законските измени, исто како што беше и во Уредбата, може истовремено да пазаруваат најмногу по едно лице на површина од секои 10 метри квадратни. Во објектите на трговецот кои се помали од 10 метри квадратни, пак, може да пазарува само едно лице.

И глобите од Уредбата се преточија во Предлог-законот. Ако не се придржуваат кон одредбите за однесување во време на пандемија, микро и малите трговци ќе бидат казнети од 500 до 1.000 евра, а средните и големите претпријатија од 1.000 евра до 2.000 евра во денарска противвредност. Глоба е предвидена и за вработените, 50 евра, ако постапуваат спротивно на законските одредби.

„Целта на донесувањето на Предлог-законот за дополнување на Законот за трговија по скратена постапка е превенција и зајакнување на заштитата на здравјето на населението од ширењето на коронавирусот во услови на вршење трговија на мало. Инспекциски надзор над примената на мерките за превенција од ковид-19, во согласност со Законот за трговија, има надлежност да врши Државниот пазарен инспекторат“, пишува во Предлог-законот.

Но, бидејќи законските измени сѐ уште не се донесени, а Уредбата престана да важи, а пазарните инспектори имаат врзани раце и за опоменување и за казнување.

Секако, во продавниците како и во сите објекти во затворено, но и на отворено, носењето заштитни маски е задолжително за сите – и за продавачите и за купувачите, според измените на Законот за заштита од заразни болести донесени на крајот од октомври минатата година.

Уредбата со законска сила за измените на Законот за трговија со кој се воведоа редари, задолжително растојание, средства за дезинфекција… е донесена во мај минатата година со важност 200 дена по престанокот на вонредната состојба.

„Бидејќи одредбите од оваа Уредба со законска сила имаа примена за времетраењето на вонредната состојба, како и 200 дена по престанување на траењето на вонредната состојба, заклучно со 9 јануари  2021 година, таа ќе престане да се применува“, пишува во образложението за носењето на измените на Законот за трговија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот