Супермаркет/ Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

И без повик на бојкот, граѓаните ги избегнуваат поскапите маркети

Луѓето ги користат неделните акции за одредена стока, но секојдневно мораат да купуваат леб, млеко, брашно, масло за јадење, кои се основни намирници, така што нема можност за организиран бојкот, велат од ОМП. Од друга страна, граѓаните на социјалните мрежи сами се организираат, ги следат цените и меѓу себе се советуваат каде да најдат поевтини производи

Нема абер од македонските министри за повик на бојкот на трговците што неоправдано ги зголемуваат цените, а од Организацијата на потрошувачи на Македонија за „Слободен печат“ велат дека не гледаат можност за организиран бојкот и констатираат дека граѓаните сами решаваат каде ќе ги потрошат своите пари. Пред некој ден хрватскиот министерот за економија Анте Шушњар, коментирајќи ги податоците за дополнителното зголемување на инфлацијата во Хрватска во декември, ги повика граѓаните да ги бојкотираат трговците кои неоправдано ги зголемуваат цените.

Пред него и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди „алчните“ зголемувања на цените во некои сектори, припишувајќи ги извонредните зголемувања на опортунизам, а не на економска неопходност. Тој ги повика граѓаните да ја искористат куповната моќ како средство за борба против профитерството.

– Граѓаните мора да купуваат храна, а цените во добар дел од маркетите се слични. Луѓето ги користат неделните акции за одредена стока, но секојдневно мораат да купуваат леб, млеко, брашно, масло за јадење, кои се основни намирници, така што не гледам можност за организиран бојкот. Од друга страна, граѓаните на социјалните мрежи и тоа особено од повозрасната категорија, сами се организираат, ги следат цените и меѓу себе се советуваат каде да најдат поевтини производи или кои маркети да ги избегнуваат. Тоа од трговските синџири нема никогаш да го потврдат, но евидентно е дека луѓето бараат поевтина стока и пазаруваат онаму каде што им дозволува буџетот – објаснува Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ.

Претседателката на ОПМ вели дека и без повик за бојкот, најголемиот дел од граѓаните со години се воздржуваат од купување многу прехранбени производи поради општата беспарица.

– Луѓето ни кажуваат, а и си повеќе пишуваат по социјалните мрежи за методите со кои преживуваат во услови на енормно зголемување на цените. Трговската маржа кај големите системи кај нас е од 20 до 40 проценти, а сега се виде дека производите кои не влегоа во новогодишната акција поскапеле меѓу 5 и 7 отсто, а најмногу безалкохолните пијалаци. Јасно е дека поради монополското однесување на трговците и неподносливите поскапувања, повикот за бојкот е добра идеја. Но, за ваквите акции треба да се обезбеди критична маса – вели Лончар Велкова.

Според неа, во развиените земји на ЕУ бојкотирањето на некои производи е легитимен облик на борба за правата на потрошувачите.

Италијанците ги бојкотираа прескапите макарони, Грците млечните производи

Хрватското здружение за заштита на потрошувачите (ХУЗП) за време на големата економска криза во 2008 година, ги повика потрошувачите една недела да го бојкотираат купувањето на сè освен основните прехранбени производи. Нивниот модел во ова беа други земји каде што здруженијата на потрошувачи исто така повикаа на бојкот, на пример во Италија, кога поскапеа тестенините, повикаа да не се купува тоа омилено италијанско јадење.

И успеаја. По една недела тестенините поевтинија. Да потсетиме и на неодамнешните протести во Германија поради намалување на инфлацијата – кога цените на производите остануваат исти, но нивната количина, односно тежината се намалува. Слични повици за бојкот на потрошувачите во 2023 година беа упатени, во Грција, каде што локалните здруженија за заштита на потрошувачите ги повикаа граѓаните да не купуваат поскапени млечни производи една недела, објави неодамна Вечерњи лист.
Дека нема големо фајде од повиците за бојкот кон трговците што неоправдано ги зголемуваат цените на храната покажа и примерот на хрватското Здружение на потрошувачи, кое една година ги повика потрошувачите да се воздржат од пазарење во т.н „Бај нотинг деј“ (ден во кој не треба да купите ништо), кој обично се одржува последната сабота во ноември, ден по познатиот Црн петок. „Ги поканивме луѓето да не купуваат ништо тој ден, но одговорот беше катастрофален“, вели Ана Кнежевиќ, претседателка на ХУЗП, пишува Н1 Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот