И Албанија ќе нѐ претрка, Македонија ќе остане заборавена?

Априлските избори не ѝ обезбедија нова влада на Бугарија, каде што летово повторно ќе се гласа, што значи дека и оваа 2021 година најверојатно ќе биде изгубена за македонските евроинтеграции, и покрај одлуката на целата Европска Унија, Македонија да ги почне преговорите, донесена уште лани во март. Аналитичарите шпекулираат само со минимална можност техничката влада на Бугарија, која се очекува наскоро да биде формирана, на самитот на ЕУ во јуни да се согласи да се одржи првата меѓувладина конференција со Македонија.

Според аналитичарот Петар Арсовски, сега се случува за нас најлошата опција, односно нови парламентарни избори во Бугарија.

– Тие избори најрано може да се организираат во јули, а дотогаш веќе ќе биде завршен циклусот настани во ЕУ на кои може да се очекува некаков пробив за македонските евроинтеграции, а тоа се Берлинскиот процес, Самитот на ЕУ и состанокот на Комитетот на постојаните претставници, односно КОРЕПЕР. Следната можност да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство е во декември, а претходно во Бугарија ќе има уште едни избори, претседателските. Постои мала можност за која полека се зборува, а тоа е техничката влада на Бугарија да одлучи да ја одобри преговарачката рамка и Македонија да ги почне преговорите, а потоа, за време на преговорите, политичките влади на двете земји да ги решаваат другите отворени политички прашања, како што се учебниците, малцинствата итн. Шансите за нешто такво се мали, затоа што техничката влада на Бугарија ќе се правда дека нема мандат да носи такви политички одлуки – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој додава дека ако меѓународната заедница реши Македонија повеќе да не губи време, може да ја притисне Бугарија доволно силно и техниката влада сепак да донесе политичка одлука.

Во врска со опциите на нашата дипломатија во вакви околности, Арсовски вели дека Македонија треба да ги собере сите земји од ЕУ што нѐ поддржуваат и да направат заеднички притисок врз Бугарија.

– На самитите во јуни е можно да се случи Албанија да ги почне преговорите, а Македонија да не ги почне. Ќе видиме што ќе се случи, затоа што до лани некои земји инсистираа двете земји да одат во пакет кон ЕУ, а некои бараа да се одвојат и Македонија да ги почне преговорите, а Албанија не. Сега е можно само Албанија да ги почне, и тоа е најлошата можна варијанта за нас. Ќе останеме заборавени – вели Арсовски.

По декемвриското вето од Бугарија, македонската влада отпрвин понуди соработката меѓу двете земји да продолжи да се гради со Акциски план, но овој документ уште не е усвоен, а потоа „крена рачна“ од интензивните разговори, со образложение дека почнала кампањата, а политичките разговори ќе продолжат со идната влада која ќе има мандат да носи одлуки.

По априлските избори, специјалниот претставник на македонската влада, Владо Бучковски, оцени дека се мали шансите да се формира влада во Софија, а ако во мај нема политичка влада, шансите Македонија да ги почне преговорите со ЕУ во јуни се никакви.

Историчарите поголеми политичари од политичарите

Само стабилна бугарска влада може да расчисти со корените на бугарското вето, оценува бугарскиот историчар и аналитичар Стефан Дечев за тамошните медиуми. Според него, единствена надеж за отстранување на блокадата е Мешовитата историска комисија да постигне напредок во својата работа, но таа подолго време не испорачува резултат.

По неуспешната 13. средба, копретседавачот од македонската страна, Драги Ѓоргиев, оцени дека бугарските колеги отвораат нови теми, без да се затворат претходните, во обид да ја забават работата на Комисијата додека не се надмине политичкиот вакуум во Бугарија.

– На последните три средби не гледаме желба за напредок кај бугарските колеги и мислам дека тоа се должи на ситуацијата во Бугарија, предизборната кампања, сега на отсуството на политичка влада и е воочливо тоа отсуство на желба да се постигне нешто повеќе во работата – вели Ѓоргиев.

Според него, успех е можен само доколку работата на Комисијата биде тргната настрана од билатералните политички односи меѓу двете земји.

Копретседавачот од бугарска страна Ангел Димитров возврати дека македонските историчари сакаат „да бранат нешто што е неодбранливо“.

– Секогаш треба да се бара повеќе од една гледна точка и тоа не значи дека изворите треба да се занемарат и историјата да се толкува како што секој ќе посака. Нашите колеги ја следат политичката линија на нивното раководство – да не признаваат дека постои заедничка историја и да ги држат работите во неизвесност. Тие обвинуваат дека бугарската страна ја политизира темата, бидејќи во нашата земја не е избрана нова влада – рече Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот