Хуманиот радикализам тропа на врата?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Потребна е нова „активна и нестрплива надеж“ за да се бара и да се најде потенцијал и можност за акција од внатре. Тогаш и критичката и радикалната мисла ќе бидат поплодотворни, зашто ќе ја отелотворуваат љубовта кон животот.

Никој, ама баш никој не може да порекне дека нашава земја не ја тресат економски, здравствени, културни и политички проблеми кои ја ставија во мошне чуствителна, непосакувана и неспокојна состојба. Згасна и спласна надежта дека влегувањето во НАТО ќе ни донесе поголем развој и напредок, а пандемијата пак стави точка на сите такви размислувања и очекувања. И ветото за отпочнување на  преговорите за влез во Европската Унија од соседна Бугарија стана дегутантна и неподнослива приказна. Без елаборација на ваквата состојба се наметнува размислувањето – има ли излез од овој „безизлез“?!

Насобраното незадоволство, несигурност и очај кај граѓаните поради немоќта да се влијае и нешто подобро да се направи, создава револт но и индиферетен однос кон случувањата. Оваа мачнина се повторува и трае од избори до избори. Потоа, се почнува од почеток и повторно се случува истата работа. Носителите на власта го вкусуваат медот и никако не можат да се наситат и заситат?!

Му се гледа ли крајот на ваквото владеење?! Му се гледа! Познатиот филозоф Ерих Фром би рекол дека лекот е во хуманиот радикализам: „Потребна е рационална вера во човековата способност да се извлече од онаа мрежа која сам си ја сплел, за да ја избегне катастрофата“, што неминовно доаѓа. Всушност, станува збор за излез од индиферентноста, рамнодушноста, безчуствителноста и отапеноста, која настанала поради еднаквото однесување и загрозување на иднината од оптимистите и од песимистите. За оптимистите Фром вели дека, што и да се случи тие веруваат во непрекинат тек на „развојот“, затоа добро и лагодно живеат, а угрозувањето на иднината на нивните правнуци не може вистински да ги вознемири! Речиси истото го прават и песимистите кои живеат така за малку да се ангажирани и да им биде удобно. Судбината на човечкиот род и нив не ги загрижува и не очајуваат за иднината.

Според целите и однесувањата, иако не во целост, оптимистите и песимистите можат да се изедначат: првите со носителите на власта, а вторите со опозиционерите. Оптимистите ја бранат идејата што произлегува од внатрешното уверување дека се се движи кон исправниот правец, така што ништо не треба да се направи повеќе од она што го прават тие самите мислејќи дека ќе ја оправдаат невидената страст за власт?! На спротивставените, пак, песимизмот им ги урива сите очекувања и надежи за што се криви нивните противници и затоа се откажуваат од борбата чекајќи ги своите пет минути! Така и едните и другите главно се грижат за сопствените интереси и постојано се вртат во затворениот маѓепсан круг.

Но, каде е излезот од ваквата состојба?! Фром тврди дека спасот е во хуманиот радикализам кој се залага за темелни промени во нашите вредности, во нашата концепција за човековите цели и во нашето однесување. Кај нас се уште не се создадени услови за ваква опција. Недостига организираност, храброст и смелост за да се „осмисли она немисливото“ и да се делува во границите на можното?! Потребна е нова „активна и нестрплива надеж“ за да се бара и да се најде потенцијал и можност за акција од внатре. Тогаш и критичката и радикалната мисла ќе бидат поплодотворни, зашто ќе ја отелотворуваат љубовта кон животот. Така ќе се зголеми и ќе се развива грижата кон иднината на нашите поколенија!

Но, кој знае дали и ваквата опција може да ни помогне и да не извади од калта?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот