Хуманата страна на Штип: Со продажба на половна облека до лулашка за деца со инвалидски колички

Фото: Фејсбук, NECI NMK

Невладината организација NECI NMK организира хуманитарен базар во Домот на културата „Ацо Шопов“ – Штип. Се собираат средства за купување на лулашка за деца инвалиди, која недостасува во Штип.

Претседателката на НВО NECI NMK, Викторија Кукушев-Зафирова за МИА вели дека хуманитарниот е во тек и ќе трае до 20 часот. Посочи дека се продаваат половни парчиња облека, уникатен накит, чевли, ташни и украси по најповолни цени со цел промовирање на одржлива мода и како тоа придонесува за доброто на нашата планета.

– Секој граѓанин може да дојде и со купување на парче половна облека ќе придонесе да се оставри желбата на децата со инвладиски колички. Идејата е од нашите млади членови, кои забележале дека во парковите има и деца со инвалидски колички кои немо посматраат како нивните врсници се забавуваат и ги користат реквизитите. Ова е идеја, која може да се оствари, а за да се обезбеди ваква лулашка потребни се над 1000 евра, вели Кукушев-Зафирова.

За три часа имаат околу 20 посетители, а секој граѓанин во земјава или странство кој сака да се вклучи во оваа хуманитарна акција тоа може да го стори и преку онлајн купување на фан страницата на фејсбук на НВО NECI NMK.

– Половната облека и модни додатоци се иднината на модата и стануваат се повеќе популарни како во светот така и кај нас. Една од причините за тоа е кога купувате веќе користена облека заштедувате на сите ресурси потребни за да се направи истата. На пример за да се направи една памучна маица потребни се 2700 литри вода. Во моментов претежно работите кои се произведуваат се користат неколку пати, а потоа се фрлаат и завршуваат во депонија, вели Кукушев-Зафирова.

Посочи дека со купувањето на половна гардероба, секој граѓанин придонесува за развојот на циркуларна економија, а истовремено ги заштедувате своите средства.

–И секако ретро изгледот повторно е во мода, и со изборот да купувате поволно придонесувате за подобро општество, порача Кукушев-Зафирова.

Извор: МИА

Видео на денот